Инфо  

Галерии

Пробиштип

Билтените се вистински споменари

24.1.2021

Во 2003 година, покрај другите органи и тела при ИО на СЗПМ се формира и Комисија за културно-забавен живот составена од пет члена и тоа Душан Перески, претседател, Фруска Костадиновска, Милевка Здравковска, Павле Спасов и Лилјана Фишиќ, членови. На првата седница на комисијата  тогашниот претседател на СЗПМ Душко Шурбановски зачудено праша: навистина не знам што би работела оваа комисија. Една од членките на комисијата предложи да се организираат пензионерски фолклорни ревии, бидејќи имала сознание дека во неколку здруженија постојат КУД, пејачки групи, свирачи на изворни инструменти, соло-изведувачи и сл. Предлогот беше едногласно усвоен, а на прашањето кој би ја организирал првата ревија беше договорено тоа да биде ЗП Пробиштип, бидејќи здружението веќе има учествувано на многу приредби и фестивали и има одредено искуство. И така, на 1-ви ноември се случи првата ревија во Пробиштип на која учествуваа здруженија на пензионери и околу 20 претседатели и други претставници кои беа дојдени да соберат искуство.

По Ревијата уследија многу позитивни мислења за ваков вид претстави од пензионерите, а претседателот на СЗПМ Шурбановски рече дека ова му личи на вистински фестивал на кој актери се пензионери. Презадоволни беа сите, но најзадоволни беа учесниците од ЗП Берово, ЗП Гази Баба, ЗП Гевгелија, ЗП Кавадарци, ЗП Кочани, ЗП Куманово, ЗП Прилеп и ЗП Пробиштип, се присетува Здравковска.

На наредната седница на ККСЖ покрај што беше дадена висока оценка за Ревијата, веднаш се постави прашањето што да се направи овој настан да остане незаборавен, бидејќи како што се вели она што е кажано во етер ќе го однесе ветер, но она што ќе се стави на хартија останува како траен белег и не се заборава. Така се роди идејата да се направи некакво писание, билтен - НЕЗАБОРАВНИК. Членовите на комисијата довербата за изработка на билтенот ни ја доверија на мене и на Фруска Костадиновска како долгогодишни и искусни новинари во локалните радиостаници во Пробиштип и Кавадарци. Веднаш се зафативме  со работа зашто бевме свесни за одговорноста и тежината која беше потребна за да се изготви ваквото писание.

За еден месец првиот билтен ја виде светлината на денот и се најде меѓу пензионерите и здруженијата. Тогаш претседателот на комисијата Душан Перески предложи ревиите на песни, музика и игри на пензионерите и билтенот да станат традиционални за да ги оставиме како потсетници и во аманет на идните генерации.  Така и се случи. Се редеа ревиите секоја година во различни градови, се овековечуваа здруженијата и нивните учесници во ревиите, се прикажуваа обичаите, традициите, викоичките и двогласни песни и изворните инструменти кои биле дотогаш подзаборавени и сето тоа се бележеше во билтените. Ревиите станаа најмасовно посетените приредби, а билтените најомиленото четиво за пензионерите кои со нескриена љубов секој ги чува во домашните витрини.

Ако не беше бележано се што се случуваше во СЗПМ и здруженијата, кој денес ќе се сетеше и дека ЗП Куманово и ЗП Пробиштип биле првите учесници на Фолклорниот фестивал на третата доба во Љубљана - Словенија. Или, кој денес ќе се сетеше дека во 2005 година во Универзалната сала во Скопје 90-годишниот дедо Мите од село Драмче - Делчевско мошне успешно го одигра, едно од најубавите македонски ора „Копачката“. Заигра дедо Мите како младо момче, на своите 90 години, воодушевувајќи ги сите посетители во Универзална.

Се редеа ревиите, се пишуваа билтените се до годинава  кога се одбележуваат 18 години од регионалните фолклорни ревии и 10. републичка ревија во едни несекојдневни и специфични услови на Ковид 19. Овие ревии ќе се запишат во историјата на Македонија и ќе се паметат. Короната косеше низ целиот свет, а пензионерите од Македонија и се спротивставија преку песни, игри, богат колорит  на изворни носии и прекрасните обичаи и традиции на сите кои живеат во нашата земја. Ќе бидат запаметени и по настапот на хероината од нашиот документарец „Медена земја“  Атиџе, која од срце и со сета душа запеа на Ревијата во Лозово. Ќе остане запаметена и храброста нa претседателката на СЗПМ Станка Трајкова која ги храбреше здруженијата да се одржат ревиите. И ревиите беа успешни и покрај сомневањата на некои претседатели на здруженија. Излезе и Билтен.

Традицијата не се прекина, а билтените како вистински споменари ги зачуваа од заборав и имињата на сите оние кои биле челници во СЗПМ во изминатите години и нивниот придонес што го дале за развој на здруженијата на пензионерите.

М. Здравковска

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3