Инфо  

Галерии

ЗП Чаир

Книгата „Записи од мојот живот“ на Тодор Илиев

18.2.2021

Сведоштво за човекот и неговиот живот не се убавите зборови, туку големите и добри дела. Потврда на ова златно правило што произлегува од искуството на човештвото е и книгата на пензионерот Тодор Илиев насловена „Записи од мојот живот“ што излезе од печат при крајот на минатата година, а беше финансиски поддржана од СЗПМ. Прозното дело на Илиев е автобиографски труд во кој на хронолошки начин се проследени животните и творечки врвици од родното Негорци, Гевгелиско, до денешни дни. Раскажувањето во прво лице е принцип што ја потврдува вистинитоста на времињата, настаните и луѓето од една, за кои авторот пишува искрено, сеопфатно и создава текст кој се чита со интерес и леснотија од друга страна. Да забележиме оти во последниве години појавата на вакви книжевни дела со мемоарски карактер радува зашто пишаниот текст останува траен документ за она што било и поминало. Прозата е исполнета со многу чувства, емоции и топлина што секако го одредува и карактерот на нејзиниот автор. Притоа тој обраќа посебно внимание на секој лик, случка или настан и како сликарот со четката, така Илиев со зборот нештата ги претставува во детали. Ваквиот принцип не ретко го побудува чувството кај читателот како и тој да бил присутен или сведок во она што го чита и заедно ги создавале приказните децидно насловени со нивното суштинско значење како записи од животот.

    Тодор Илиев пишува за своето детство, немирниот и љубопитен детски дух, за другарувањето и детските игри, и за неговата најголема љубов – учењето. Тоа е оној пат или поточно идеал што ќе го следи цел живот. Вреден и исполнителен, секогаш со добра волја и позитивна енергија низ постојано учење, со труд и работа, пред него се отвораат сите врати. Тој не пишува само за себе, туку и за опкружувањето во кое секој човек се формира како личност и создавач на нови творечки вредности. Посебно убави читливи страници се оние каде што раскажува за народните македонски традиции, обичаите, земањето на мајка му со стројници, љубовта и верата на народот со верските православни празници како што се Коледе, Василица, Св. Теодор, Ѓурѓовден и други. Станува збор за автор кој негувал посебна љубов и приврзаност кон домот и семејството. Во неговиот животен летопис посебно место и значење имаат миговите со животната сопатничка, двете ќерки како добри и успешни личности, внуците кои се негови чест и достоинство. Трудот и работата се единствена мера на човекот. По пензионирањето Тодор Илиев го продолжува или доградува животот со нови вредности. Самопрегорно се вградува во животот и активностите на ЗП Чаир. Познати и признати се неговите успеси како претседател на Комисијата за спорт и рекреација и како член на Извршниот одбор на ЗП Чаир. Со сопругата активни се и во пејачката група, а тој е познат како учесник на регионалните и републичките натпреварувања на пензионерите во организација на СЗПМ. Илиев во моментов е координатор на здружението и таа функција успешно ја извршува

За своите активности во ЗП Чаит тој пишува во својата книга, а тој дел од книгата наликува како монографија за здружението.

Книгата на Тодор Илиев „Записи од мојот живот“ има стил и јазик прифатлив и за младата и за повозрасната читателска популација, аовие записи ќе останат запишани во историјата на ЗП Чаир и СЗПМ.

Делото „Записи од мојот живот“ е подржано финансиски од Сзпм за 2020 година.
Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3