Солидарност на македонските пензионери
18.2.2021Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија е асоцијација која има 53 здруженија како автономни правни субјекти во кои членуваат околу 270 000 пензионери. Една од најважните цели и дејности се и хуманитарните активности во редовни и вонредни услови на живеење. Имајќи предвид дека во животот секој човек па и пензионерот може да се соочи со проблеми пружената рака за помош му е добредојдена. Поаѓајќи од аксиомата „помогни за да ти помогнат“, Извршниот одбор на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија на седницата одржана на 2021 година донесе одлука да се донираат 100.000 денари на пензионерите од Петриња, Р Хрватска кои беа погодени од земјотресот. Оваа одлука е израз на солидарност и гест на сочувство со пензионерите од Хрватска. Македонските пензионери добро паметат на помошта и хуманоста од Хрватска кога главниот град на СР Македонија Скопје беше погоден од катастрофален земјотрес.
Значајно е да се спомене дека меѓу пензионерските асоцијации во Хрватска и Македонија е склучен и Меморандум за соработка во 2011 година кој во своите одредби вклучува заемна соработка и запознавање преку успешно реализирање на целите и задачите за старите лица. Во тој Меморандум двете страни се спогодиле дека ќе се информираат за положбата на пензионерите во нивните пензиски системи, во здравственото осигурување и како функционира згрижувањето на пензионерите во старските домови.
Особено значајно е што оваа спогодба има цел развивање меѓупријателски односи преку соработка на пензионерските асоцијации со вклучување на интерес и грижа за македонските односно хрватските пензионери.
Со оглед дека е поминато подолго време од потпишувањето на Спогодбата за соработка време е во рамките на меѓународна соработка да се обнови содржината на Меморандумот во зајакнување на соработката во сегашните актуелни услови.
Претседател на Сојузот на пензионерите на Македонија
Станка Трајкова