Наградата „Гоцева мисла“ за проф. д-р Васил Тоциновски
18.2.2021
Традицијата и континуитетот се трајни вредности на секоја национална култура. Дел од нив е и меѓународната награда „Гоцева мисла“ која годинава им се доделува на проф. д-р Васил Тоциновски, д-р Бајрузин Хајро Плањац (Босна и Херцеговина) и Олга Лалиќ-Крофицка (Полска). Признанието го доделува Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“, а лауреатите го добиваат за нивниот придонес во културолошката мисија, развојот и негувањето на културата, уметноста, науката и етиката, како и соработката и поврзувањето меѓу народите. Во тековите и резултатите на современата македонска литература и наука Тоциновски е посведочен поет, раскажувач, романописец, автор за деца и младина, критичар и есеист, книжевен историчар, антологичар и преведувач. Автор е на 65 дела од областа на белетристиката и науката, на 66 редакции и избори од македонското книжевно и публицистичко наследство и коавтор во 22 енциклопедии, учебници, прирачници и зборници. Во домашната и странска периодика публикувал над четиристотини книжевно-историски студии и 634 есеи и критики. Добитник е на највисоки македонски и странски награди и признанија: „Св. Климент Охридски“, „Крсте Мисирков“, „Гоце Делчев“, „Златно перо“, „Гемиџиите“, „Димитар Митрев“, а од странските: „Книжевно перо“, „Петар Канавелиќ“, „Горан Бујиќ – книжевник и новинар“, „Икар“ и др. Негови трудови и книги преведени се на дваесетина јазици. Треба да се забележат преку седумстотини рецензии, студии, критички прикази и анализи кои ги вреднуваат неговите творечки и научни трудови. Бил главен и одговорен и уредник во повеќе книжевни списанија. Во периодот од 2008 до 2014 година го водел Лекторатот по македонски јазик и култура на Филозофскиот факултет во Риека, Хрватска. Предавањата по пет предмети (Македонски јазик 1 и 2, Македонска литература 19 век, Македонска литература 20 век и Монографски пристап кон теми од современата македонска литература) ги слушале 1244 студенти и биле одбранети двесетина дипломски и магистерски трудови. Тоа е најголемиот македонистички центар во светот. Двапати бил добитник на престижното признание „Благодарница“ за остварени резултати кои придонеле за афирмација на Универзитетот во Риека. Во тој период активно се вклучува во Заедницата на Македонците во Р Хрватска - Загреб давајќи бележит придонес во соработката меѓу двата народа. Наградата се врачува на 4 февруари, роденденот на великанот, но заради пандемијата Ковид-19, таа ќе биде поединачно доставена. Добитниците на годинашнава меѓународна награда „Гоцева мисла“ Тоциновски, Плањац и Крофицка како луѓе и творци со убавиот пишан збор трајно и на вредносен начин ја потврдуваат мислата на Делчев дека светот е поле за културен натпревар меѓу народите.