Инфо  

Галерии

Вакцинација во старските домови

15.5.2021

Пандемијата во светот како последица на вирусот ковид 19 не ја одмина и нашата земја. Појавата на овој вирус коренито го смени животот на луѓето, особено на повозрасната популација. Се ограничи движењето на луѓето, се намалија контактите. Со еден збор, луѓето се затворија и мораа да се приспособат на т.н. нова нормалност.

Во ваква ситуација се наметна прашањето за барање излез од состојбата и барање решение на проблемот. Покрај препораката за рестриктивните мерки решението го даде науката во изнаоѓање вакцина против вирусот. Како во сите земји,  така и кај нас, од пред некое време започна да се одвива процес  на вакцинација. Во организација на Владата и на Министерството за здравство, предност за вакцинирање беше дадено според старосната возраст на пензионерите и старите луѓе во што се приклучи и Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.

Така, на ред дојдоа и старските домови во нашата земја. Вакцинацијата се вршеше со дозвола од самите станари или од нивните старатели во овие старски домови: ПУС „ВИТАВЕ“, ПУС „МИЛИЦА“, ПУС „ПАНАДА“, ПУС „РУСКИ“ , ПУС „ФЕНИКС“, ПУС „ГЕРОНТОС БМ“, ПУС „СВЕТЛА НАДЕЖ“, ПУС „ТЕРЗИЕВА“, ПУС „HANTERS  LIVE“, ПУС „ЖАНА“, ПУС „ЛАБОС“, ПУС „ЕЛИСАВЕТА“, ПУС „НАНА“, ПУС „ЗАФИР САЈТО“ – КУМАНОВО и други. Одреден број од станарите добиле само прва доза, а некои ги добиле двете дози од вакцината. Исто така, се вакцинира и персоналот вработен во домовите. Вакцинацијата е извршена на лице место во самите домови од тимови на мобилни екипи за вакцинирање.

Оние домови во кои не е извршена имунизација имаат аплицирано за вакцинирање и очекуваат тоа да се реализира во догледно време.  

Од досега согледаното може да се заклучи дека процесот на вакцинација е започнат, делумно реализиран, а делумно е во тек и во домовите за стари лица, и е на задоволително ниво. 

Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија преку Комисијата за старски и пензионерски домови и пензионерски стандард е во постојан контакт со домовите и здруженијата на пензионерите членки на Сојузот, со цел да има увид во состојбата со вакцинацијата на  пензионерите  и другите стари лица во нашата земја. Исто така, Сојузот му препорачува на своето членство  да прими вакцина и со тоа да го заштити своето здравје, а и здравјето на своите најблиски и пошироко.

Прим. д-р Снежана Макревска
член на Комисијата за старски и пензионерски домови
и пензионерски стандард  при СЗПМ

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3