Инфо  

Галерии

Средба која ветува плодна и успешна соработка

18.5.2021

На 18 мај 2021 година министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска со своите соработнички, беше во посета на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија. На средбата покрај претседателката на СЗПМ Станка Трајкова беше присутно раководството на Сојузот и уште неколку претседатели на здруженија на пензионери. Оваа средба е особено значајна за Сојузот и за 280 000 негови членови бидејќи министерката на средбата директно ги слушна приоритетните барања и проблеми кои ги мачат пензионерите, за кои министерката и министерството како дел од Владата на РС Македонија можат да помогнат.

На почетокот на средбата претседателката Трајкова и посака добредојде на министерката, заблагодарувајќи и се за средбата и отстапеното време.

Министерката Шахпаска искажувајќи го своето задоволство заради средбата, посака најнапред да ги слушне домаќините. Претседателката Трајкова концизно и конкретно се обрати и меѓу другото рече:

-Постојат повеќе прашања на кои е фокусиран Сојузот. Едно од нив и како најважно е усогласување на пензиите кое директно се рефлектира на стандардот на најмасовната популација во нашата земја. По направените анализи  во опкружувањето, како и анализа на стандардот на пензионерите, Сојузот во писмена форма даде три предлози до Владата и до МТСП, а за нив елаборирав и на нашата средба со Премиерот Зоран Заев и истите  беа презентирани и во нашиот весник „Пензионер плус“.

Втор проблем за кој бараме помош е донесување на посебен Закон за пензионерско организирање во нашата земја. Не помалку важен е и проблемот со капацитетите во државните  старски домови и високата цена во приватните домови, како и прашањето на сопственост на пензионерските домови во чија изградба партиципирале повеќе генерации, а сега  не ги владеат здруженијата.  Тука морам да го споменам и нашето барање за добивање Статус од јавен интерес на Сојузот како целина и во некои здруженија кои ги исполнуваат условите за тоа, заради користење средства од разни фондови за оваа намена.

Откако ги ислуша внимателно презентираните барања министерката Шахпаска рече:

-Пред сe сакам да ви кажам дека министерството се грижи за проблемите на сите граѓани, а меѓу нив важно место имаат пензионерите и луѓето од третата доба, особено сега за време на пандемијата. Пензионерите не се заборавени ниту во пакетите, ниту како ранлива категорија за приоритет при вакцинација против коронавирусот. Со 19 општини имаме потпишано меморандуми за нега и помош на пензионерите во нивните домови. Работиме и на проширување на сместувачките капацитети, на пример во Берово, Пробиштип и други места. Ќе се сретнуваме, ќе се слушаме и резултатите нема да изостанат.  Заеднички ќе ги решаваме проблемите и ќе градиме успешна и плодна соработка во интерес на пензионерите и на државата.

На крајот претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија ја покани министерката на МТСП Јагода Шахпаска да присуствува на Републичката ревија на песни, музика и игри на 23 јуни 2021 година и да се запознае директно како се дружат пензионерите, верните чувари на нашето културно богатство, без разлика на јазик, вера и националност, што беше прифатено со задоволство од министерката.

Калина С. Андонова

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3