Инфо  

Галерии

ЗП Дојран

Мало здружение со резултати за пример - отворени 2 клуба

20.5.2021

На 20 мај 2021 година во едно од најмалите здруженија на пензионери, членки на СЗПМ, беа отворени два пензионерски клуба: еден во огранокот „Фурка“ и еден во огранокот „Стар Дојран“. Со нив сите пет ограноци во ЗП Дојран добија свои катчиња за престој на своите членови. На отворањето на клубовите присуствуваа градоначалникот на Дојран Анго Ангов, претседателката на СЗПМ Станка Трајкова, потпретседателот на ИО на СЗПМ Ментор Ќоку и гл. и одговорен уредник на весникот „Пензионер плус“ Калина С. Андонова. 

При отворањето на Клубот на пензионери во Фурка присутните ги поздрави претседателот на ЗП Дојран  Динчо Бошнаков кој истакна дека здружението иако е мало и брои околу 600 пензионери, се труди да биде активно во границите на своите можности.

-Со гордост можеме да се пофалима дека сме активни во спортот каде сме освојувале први места, во културно-забавниот живот и на хуманитарен план. За отворање на овој клуб во огранокот Фурка кој брои околу 89 членови заслужни се сите заедно со  нивниот претседател Илија Ризов, но најмногу ни помогна општината и градоначалникот Анго Ангов. Исто така ни помогнаа и: Фук-так ресторанот, Џокер-транспорт, ЛМ-транспорт, АБА-Пеливанови, Дојран-стил од село Николич и други, на кои сме им многу благодарни.

На присутните им се обрати и ги поздрави  претседателката на СЗПМ Станка Трајкова која меѓу другото рече:

-ЗП Дојран е мало здружение кое може да им служи за пример на многу поголеми здруженија со своите активности на секој план. Активностите се благодарение на сите членови и на раководството, а особено на Општина Дојран и градоначалникот Ангов со кој имате одлична соработка. Клубот е многу убаво уреден и во него ќе ги поминувате вашите пензионерски денови. Продолжете и понатаму по патот по кој чекорите.

-Соработката со најстарите жители секогаш ќе биде на посакуваното ниво. Подготвени сме да ги помагаме нивните активности. Ќе се трудиме сите заедно нивниот живот да биде што подобар и подостоинствен, онаков каков и го заслужуваат, - истакна градоначалникот на Дојран Анго Ангов, и на Клубот му подари телевизор.

Беше отворен и клуб во Стар Дојран каде што претседател на огранокот кој брои околу 107 пензионери е Глигор Чучуманов. Сите присутни дојдоа и на ова отворање. Клубот е убаво уреден со сe што е потребно за да биде пријатно катче на пензионерите.  

Завршен збор имаше претседателот Бошнаков кој рече дека нареден приоритет им е да направат заштитна стреа пред клубот во Дојран каде што се и работните простории на здружението. Ова особено им е неопходно и заради мерките за заштита од коронавирусот.

Горанче Петровски

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3