Инфо  

Галерии

Активности на СЗПМ

Корисен и успешен состанок со претседателите на здруженијата на пензионери од источниот регион

22.7.2021

На 15 јули во ЗП Македонска Каменица се одржа состанок со претседателите на здруженијата на пензионерите од источниот регион.

Домаќин на состанокот беше ЗП Македонска Каменица, во организација на  Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија. На состанокот покрај претседателите на здруженијата присуствуваа и претседателот на Собранието на Сојузот м-р Илија Адамоски, потпретседателот на ИО на СЗПМ Ментор Ќоку и секретарот на Сојузот Менка Темелковска.

На присутните прва им се обрати претседателката на Сојузот Станка Трајкова која рече:

-Почитувани, ве поздравувам сите, а посебно претседателката Јаворка Соколовска на ЗП Македонска Каменица,  која  се потруди  денеска во овој прекрасен амбиент да ја оствариме нашата работна средба. Оваа средба не е случајна, таа е предвидена во Програмата за работа на СЗПМ, за 2021 година. Таква средба беше планирана и за 2020 година, но заради пандемијата тој состанок не се оствари.

Почитувани претседатели, заврши една многу тешка година за пензионерите, година која ни украде многу убави мигови во третата доба, многу дружење со внуците, пријателите, посета на пензионерските клубови, екскурзиите кои ни го разубавуваат животот, а за жал однесе и многу животи.

И покрај многуте тешкотии ќе мора да се подготвуваме за живот после ковид 19. Промените во секојдневното живеење стануваат императив (неопходни). Целосно враќање по старо најверојатно нема брзо да има, но најдобар начин е ние самите да си ја креираме иднината и да се приспособуваме на актуелната ситуација. При тоа добро би било да внесеме одредена доза на оптимизам во нашиот секојдневен живот. Во таа насока е и овој наш работен состанок.

За почеток ќе кажам дека Сојузот на 9.7.2021 година одржа годишно Собрание на кое го донесе Извештајот за работа и Финансискиот извештај за извршените приходи и расходи за 2020 година со усвојување на годишната сметка за 2020 година.

Во изминатиот период СЗПМ работеше без прекин и кога беа најстрогите односно најригидните мерки за заштита од ковид 19. Во тој период едни активности беа заменети со други, а тоа се случуваше и кај вас во здруженијата. За сите свои проекти, иницијативи  од доменот на материјалниот статус на пензионерите при тоа мислам на усогласување на пензиите, здравството, социјалното домување, остварување на традиционалните активности и друго, бевте редовно известувани во весникот „Пензионер плус“, а органите за тоа беа информирани непосредно на седниците.

Темите што ги предлагаме за денеска не го исцрпуваат целиот фокус на нашето дејствување, но затоа денеска слободно, демократски, отворено ќе говориме за сe што е битно за пензионерското организирање, а веднаш по доставување на дописот некои претседатели ми поставија прашања зошто не се ставени темите од здравството, усогласувањето на пензиите, работното време во здруженијата на пензионерите, паушалните плаќања на избраните лица кои  по „default“ учествуваат и се присутни во работата  на работните тела.

Иако во дописот е наведен дневниот ред со следните теми:

Информирање за работата на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија и здруженијата на пензионери  со цел натамошно унапредување на пензионерското организирање  и тоа:

-Традиционални активности (спортски, културни, екскурзии);

-Социјално-солидарни активности;

-Грижа за пензионерските соби со кои располага здружението;

-Евиденцијата на членството по здруженија;

-Соработка со локалната самоуправа, Црвениот крст, Центрите за социјална заштита и други граѓански организации;

-Дописниците на весникот „Пензионер плус“, дистрибуција на весникот  и предлози за унапредување на информирањето;

-Поддршка на издавачката дејност и творештвото;

-Обележување на 75 години од постоење на СЗПМ односно пензионерско организирање во нашата држава и други актуелни прашања поврзани со работата на Сојузот и здруженијата.

Ова не е класичен состанок,  па затоа предлагам со цел средбата да биде  попродуктивна и во заеднички интерес,  вие да се вклучите со дискусии по иницијално поставените теми. Мислам дека  ни е потребно дебатирање, дискутирање како работиме, што треба да направиме за да бидеме поуспешни, а во што треба да ни помогнат државните органи, општините, односно дали овој наш активизам е  максимумот на нашите постигања. Имаме ли спремни активисти, волонтери да се вклучат со своето знаење и умешност да  придонесат во работата на здружението. Кај мене како претседател пристигнуваат различни информации како барања за поуспешна работа на Сојузот, да се зголемат пензиите, зошто се зголеми делот што пензионерите го издвојуваат за обезбедување  посмртна помош за членовите на семејството на починатиот, како работат здруженијата, па дури и за тоа дека вратите на некои здруженија се долго време затворени. Факт е дека ние како претседатели вршиме општествена функција и се разбира немаме само права туку и обврски. Ќе се согласите со мене дека како ќе работи едно здружение и сојуз  многу зависи од првиот човек кој треба да пренесува одговорност, да има проактивна улога и да го почитува своето мислење и мислењето на пензионерите на другите.

По инспиративното и поттикнувачко излагање на претседателката на СЗПМ Станка Трајкова се разви дискусија во која зедоа збор речиси сите присутни претседатели на здруженијата на пензионери. Претседатели во своите дискусии како многу позитивна ја оценија средбата. Тие дискутирaа за своите активности во услови на пандемија, даваа предлози и идеи за подобрување на пензионерскиот живот со оценка дека некои од тие предлози за да се остварат потребна е поддршка од општината и Сојузот, како и од државните органи и институции. Позитивно беше оценета активноста на Сојузот, пензионерските објекти да бидат вратени на пензионерските здруженија, бидејќи се изградени со придонес во висина од 4%, што тие го издвојувале од 1963 до 1990 година.

На состанокот не изостана и констатацијата дека секогаш може и повеќе и дека здруженијата на пензионери како важни граѓански организации треба да го збогатуваат својот активизам и во соработка со други организации да придонесуваат животот на највозрасната популација да биде посодржаен, поквалитетен и подостоинствен. Присутните се договорија дека на прво место и во фокусот на здруженијата треба да е пензионерот и средствата од  членарината како изворен приход, да се користи  исклучиво во интерес на пензионерите.                       

Станка Трајкова

 

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3