ЗП Битола
Престојат обемни и разновидни активности
19.8.2021
Потпретседателката на ЗП Битола Даница Петличкова, беше избрана за претседател на Извршниот одбор на здружението по изненадната смрт од ковид-19 на тогашниот претседател Томе Димитровски. Со тоа е продолжен континуитетот во активностите на пензионерите од општините Битола, Новаци и Могила, уште повеќе што Петличкова со својата ангажираност беше во целост активно вклучена во сите настани и манифестации, што се организираа и дотогаш. Во врска со работата на здружението еве што вели Петличкова:
-Најнапред морам да кажам дека довербата што ми беше дадена за мене е и голама чест, но и обврска да се раководи со едно од најмногубројните здруженија членка на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, а и голема одговорност. Меѓутоа самопрегорот, ангажираноста и посветеноста во работата што ги применуваше Димитровски, ми се патоказ и ме поттикнуваат да се ангажирам со сето мое знаење, искуство и интелектуален капацитет и да ги продолжам активностите зацртани во Програмата за работа на Извршниот одбор, на Собранието и на останатите органи и тела на здружението, со максимална транспарентност и одговорност.
При ова треба да се додаде дека Даница Петличкова е афирмиран активист и за време на нејзиниот работен век, во нејзината професионална работа, но и во пензионерската организација каде што дејствува активно веќе 6 години. Таа како дипломиран економист, била финансов директор на Медицинскиот центар „Д-р. Трифун Пановски“, (сега Клиничка болница – Битола), а потоа 8 години работела во Центарот за јавно здравје. Во два мандата била и член на Советот на Општина Битола. Инаку, Даница Петличкова е прва жена што е избрана на оваа највисока функција, претседател на ЗП Битола кое брои околу 19 илјади пензионери.
-Како повеќегодишен активист целосно сум запознаена со целокупниот живот во градот, а во тој контекст и со здравствените потреби и животот на највозрасните жители во градот, пензионерите. Постојат потреби кои можеме да ги решиме самите, но и такви во кои треба да помогне Општината и државата.
Една од поважните потреби на пензионерите им е постоење на катчиња каде ќе се дружат и активно ќе ги поминуваат своите пензионерски денови. Затоа по отворањето на Клубот на пензионери во градот, воспоставивме контакти со градоначалничката на општината Битола Наташа Петровска, со цел во одредени месни заедници каде што има услови за тоа, да започнат со работа пензионерски клубови. Во нив пензионерите подобро ќе се запознаваат меѓу себе, ќе може да го организираат слободното време, културниот и спортскиот живот и друго.
За подобар и поквалитетен живот на пензионерите, деновиве со општината концепиравме Проект со наслов „За здрава старост“. Во рамките на овој проект ќе бидат одржани предавања од страна на стручни лица од здравствената област за болести и превентива за болести, поврзани со највозрасните, како што се срцевите заболувања, дијабетесот, зголемениот крвен притисок, деменцијата, Алцхајмеровата болест, давање прва помош и друго. Овој проект континуирано ќе се спроведува до крајот на ноември оваа година, - истакнува претседателката на ЗП Битола Петличкова.
На прашањето во врска со активностите за збогатување на културно-забавниот и спортскиот живот на пензионерите од општините Битола, Новаци и Могила еве што ни рече:
-Активностите на културен и спортски план се многу важни за сите пензионери, па и за нашето здружение. Тоа е зацртано и во Програмата за 2021 година и овие активности се одвиваат традиционално. Интензитетот и содржините како и минатата година и оваа, ќе зависат од здравствените околности и од мерките што ќе се применуваат по препорака на државните органи за максимална заштита од ковид-19 и пандемијата, како и од препораките на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, бидејќи ЗП Битола е членка на Сојузот. Инаку и досега нашите пензионери бројчано и квалитетно беа вклучени во активностите што ги организира СЗПМ. Ансамблот „Сирма војвода“ ќе продолжи со работа и настапи поврзани по разни поводи. Доколку е можно ќе се организираат и активности на сите нивоа на културен и спортски план од локално до државно ниво. Ќе учествуваме на регионалните ревии на песни, музика и игри, како и на 25-тите јубилејни пензионерски спортски натпревари. Секако ќе дадеме свој придонес и учество и во одбележувањето на 75 години од пензионерското организирање во Македонија, кое ќе ги организира Сојузот. Ова е голем јубилеј, кој не прави горди сите нас, – вели Петличкова.
Претседателката Петличкова во рамките на нејзиното ангажирање ја издвојува и подготовката за изработка на социјална карта на пензионерите од ЗП Битола, со која ќе биде сознаена целокупната состојба на пензионерското членство. Активностите за тоа се започнати, волонтерите-анкетари и другите потребни лица се запознаени со потребата и целта на овој значаен проект. Информирани се дека целокупните резултати ќе бидат од полза за потребите на пензионерите.
Во тек е и акцијата за снабдување со огревно дрво и други прехранбени потреби на пензионерите, а соработката со здравствените установи ќе се одвива перманентно и во континуитет, како и активностите со збратимените пензионерски здруженија.
Сите активности ќе бидат организирани така, средствата од членарината на разни начини да им биде вратена на пензионерите.
-Тука секако сакам да ги нагласам и хуманитарните акции и солидарни вложувања на оболените и посиромашните пензионери. Со еден збор сакам да кажам дека сите активности ќе бидат насочени кон нашето членство и нивните потреби, зашто сите ние потекнуваме од нивните редови и сме избрани да дадеме придонес за нивен подобар, поквалитетен и подостоинствен живот, во тоа е вградена и големата поддршка и добрата соработка со Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, чија членка е нашето здружение.
Петар Ставрев