„Работно време“ во Здруженијата на пензионери и Сојузот
15.8.2021Како што е познато здруженијата на пензионерите и Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија цели 75 години опстануваат како граѓанска организација која се грижи за правата на пензионерите и за унапредување на развојот на пензионерското организирање. Ентузијастите што ги формирале здруженијата на пензионерите и Сојузот, имале визија за тоа кои треба да бидат целите на ова здружување и во кој правец треба да биде насочен нивниот активизам. Целта им била јасна: подобрување на пензионерскиот живот и активно стареење.
Донесувањето на Законот за пензионирање во 1946 година условило да бидат регистрирани околу 2 600 пензионери и овозможило да започне и пензионерското организирање. Во тие рани почетоци своите активности пензионерите ги остварувале во рамките на други здруженија, за да по одреден временски период формираат и свое здружение. Историски гледано тие се обединуваат и во повисоки облици на организирање, а денес тоа е Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, кој несомнено претставува синоним на пензионерското организирање.
Организационата поставеност на здруженијата и Сојузот имаат свој развој низ годините и сите членови имале еднакви права и должности. Секој член имал активно и пасивно избирачко право, како и да користи помош врз основа на актите на здружението, да ги користи читалните и библиотеките и да учествува во првите традиционални културно-забавни и спортски активности, да добива материјална поддршка и друго.
При тоа, многу значајна била околноста што во статутите била утврдена обврската членовите да го чуваат угледот на здружението и достоинството на секој член, како и да спречуваат секоја негативна појава која би го нарушила угледот на здружението и пошироко на општеството.
Во прво време здруженијата имале помал број членови и работеле 2-3 дена во неделата, активностите пред сe ги извршувале волонтерски, а како што се зголемувал бројот на пензионерите членови, се зголемувале и обврските на избраните лица. Како резултат на тоа покрај волонтерската работа се исплатувале и симболични надоместоци.
Сега во 2021 година, кога имаме околу 280 000 пензионери кои членуваат во 53 здруженија, членки на Сојузот, неминовно беше да се донесе Одлука за материјално-финансиско работење во здруженијата и СЗПМ која ја донесе Собранието на Сојузот со која се утврдува општа правна рамка за висината на надоместоците. Со неа се детерминирани надоместоците според бројот на членовите во здружението. Статусот, обврските и одговорноста на избраните лица наметнува и поголема обврска во остварување на целите и задачите утврдени со статутите, а во 2020 и 2021 година во услови на пандемија тие многу потешко се остваруваа. Здружението и Сојузот мораа во овој тежок период своите активности да ги приспособат на актуелните услови односно едни активности да ги замени со други, бидејќи пензионерите избраа живот и иднина. Работите се одвиваа иако во некои сегменти и намалено, и покрај пандемијата што сe уште не демне. За жал не беше така во сите здруженија кои намаленото работење го правдаа со пандемијата. Треба уште повеќе да покажеме дека здруженијата и Сојузот постојат за членовите-пензионери и ако е така тогаш постојано треба да сме во потрага по нови активности и да покажеме дека е оправдано нашето постоење. Ме восхитуваат некои здруженија со нови активности, нови видови и начини на давање помош, услуги со кои се трудат да го олеснат животот на пензионерите, бидејќи и најмала поддршка и внимание, многу му значи на тој што ја нема. Пред извесно време се обратив до активите на пензионерките со апел тие уште повеќе да ги засилат своите активности иако и досега тие со своите начини на дејствување се убав пример. Откако ќе поднесат извештај што одработиле, на заеднички состанок ќе говориме за следните активности што не очекуваат.
За да се одржи континуитет во извршување на активностите значајно место зазема и траење на „РАБОТНОТО ВРЕМЕ“ во здружението односно Сојузот. Ова прашање е значајно бидејќи до Сојузот стигнуваат информации дека на некои здруженија вратите се подолго време затворени, правдајќи се со постоење на пандемијата. Иако во случајот не станува збор за класично работно време, тоа не значи дека треба цел летен период да се затворени вратите или да се работи само 2-3 часови, а да се исплатува цел месечен надоместок. Приодот кон ова прашање треба да е посериозен и поодговорен. Позитивна околност е што најголем број здруженија и во најсилниот ек на пандемија, а тука ќе го вклучам и Сојузот со заштитни превентивни мерки, ја остваруваа својата општествена активност. Верувам дека ова прашање ќе се разгледа во здруженијата и на истото ќе му се посвети сериозно внимание, заради нашето достоинство и оправдување за дадената доверба од членството.
Станка Трајкова, претседателка на СЗПМ