Инфо  

Галерии

ЗП прилеп

Поетско-музичка пензионерска средба по повод два јубилеја

14.10.2021

Пензионерите   од   девет градови,   од  исто толку  пензионерски  здруженија,  на          3 септември 2021 година на посебен начин во Прилеп, во големата сала на Домот на културата „Марко Цепенков“ ги одбележаа двата значајни јубилеја: 75 години од пензионерското организирање во Македонија и  100-годишнината од раѓањето на големиот поет, писател, лингвист Блаже Конески.

На оваа поетско-музичка средба, пензионерите читаа поетски лични творби посветени на лауреатот Конески и пееја македонски песни.

На присутните кои беа во намален број заради почитување на здравствените препораки, на почетокот им се обрати претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија Станка  Трајкова, која говореше за  значењето на  оваа поетско-музичка манифестација посветена на двата големи јубилеја.

 -За одбележување на двата јубилеја најдобро осмислено место и време е токму овде и сега во Прилеп. Пензионерите отсекогаш имаат одбрано живот и иднина, а пензионерската организација како невладина и непартиска организација опстанува цели 75 години токму заради тоа. Целта и тогаш, пред толку години, а и сега е јасна: подобрување на пензионерскиот живот и активно стареење, - рече претседателката Трајкова.

Најпрво учесниците на оваа   културна манифестација, присутните посетители, претставниците од здруженијата  од Битола, Охрид, Крушево, Демир Хисар, Кичево, Струга, Кавадарци, Неготино  и градот домаќин Прилеп, ги поздрави претседателот на здружението домаќин Славко Трајкоски, кој им посака пријатен престој, здравје на сите пензионери и се разбира долг живот и уште многу, многу други вакви културни манифестации да се случуваат  во организација на СЗПМ. Трајкоски им порача на гостите да се чувствуваат во Прилеп исто како да се дома.

По ова, за делата на Блаже Конески накратко се осврна поетесата, писателката Мирјанка Ристеска-Селчанец,  која  изрецитира неколку стихови од  познатата песна на Коневски „О, тешкото“. Ристеска се осврна накратко и за песната од Конески „Зборот“ каде што поетот вели: „Чувајте го зборот како добро врзан коњ“. 

Потоа со своја лична творба посветена на Конески настапи поетесата Блага Тутеска од ЗП Прилеп, со песната  „Светилник“, а од истото здружение својата лична творба „Место вино, солзи ли сакате да пиете“ читаше Блажо Стојаноски. Од Битола со  лична творба се претстави Нада Велјанова со песната „Родна грутка“ по што  КУД „Пензионер“ од ЗП Прилеп ја исполни музичката нумера „Мома крај извор седеше“. Калиопа Наумоска од ЗП Крушево настапи со својата поетска творба „Крушевски непокор“, а  Борис Дамески  од Демир Хисар со песната „На Конески“. Живко Новески од ЗП Кичево ја изрецитира својата лична творба „Тишина“ по што повторно КУД „Пензионер“ настапи со музичко исполнување на песната „Заспала Јана Јанинка“. Во третиот блок од оваа поетско-музичка манифестација  Мирјана Трајкоска од ЗП Охрид и Дебрца ја изрецитира песната „Дојди во Охрид“, а Миланка Панделеска од истото здружение песната „Дојди, види и пак врати се“. Стојан Кукунешоски од Струга се претстави со својата лична творба под наслов „Небрегово“ по што триото „Славна Дебарца“ ја испеаја музичката нумера „Гори Балкна“. Тодорка Андова од ЗП Кавадарци се претстави со творбата „Те канам на пишијада“, а Менче Пендевска од ЗП Неготино со песната „Што е татковина“, додека  Маријана Пешиќ од истото здружение рецитираше  „Спомени“.  Во завршниот дел настапи триото „Славна Дебарца“ со музичка нумера „Гледај, ме гледај“.

На учесниците на оваа манифестација што се одржа по повод двата значајни јубилеја претседателот на Собранието на СЗПМ м-р Илија Адамоски им додели благодарници.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3