Инфо  

Галерии

Свечена седница по повод 75 години од пензионерското организирање

Достоинствено одбележан големиот пензионерски јубилеј

30.10.2021

На 20-ти септември Денот на пензионерите, со Свечена седница на која присуствуваа претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, директорката на ФПИОСМ Билјана Јовановска, членови на Собранието и на Извршниот одбор на Сојузот, претседатели на здруженијата на пензионерите и други, свечено и достоинствено беше одбележан големиот пензионерски јубилеј, 75 години од пензионерското организирање односно од Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, најмасовната мултиетничка организација во нашата земја, во која членуваат над 280 000 пензионери. 

Прва на присутните се обрати првата жена на чело на Сојузот избрана по цели 73 години, Претседателката Станка Трајкова, која откако ги поздрави високите гости и сите присутни, поднесе реферат во кој беа содржани сите активности и постигања на Сојузот во изминатите години кои се за почит и на кои сите сме горди:

-На самиот почеток, дозволете ми во име на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија да се заблагодарам на присуството на премиерот Зоран Заев, кој секогаш наоѓа време да биде со нас пензионерите, за што од срце му благодариме.

Благодарност и до министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска која добро знае што претставува пензионерската популација како огромна целна група, а со нас на овој значаен ден е и  Билјана Јовановска, директорката на ФПИОСМ,  институција од која ние пензионерите го добиваме  решението за пензија, гаранција за нашата материјална и социјална сигурност.

Како што е познато јубилеј претставува одбележување на значаен датум, а тоа главно се прави со преземање разни иницијативи и придружни активности. Јубилеј, како настан е посакуван од луѓето бидејќи  при одбележувањето има пријатна  атмосфера, убава музика, дружење, сеќавања и друго, но овој пат заради пандемијата бројот на присутните  е значително редуциран и одбележувањето е нешто поинакво.

Почитувани, како што е познато здруженијата на пензионерите и Сојузот цели  75 години опстануваат како граѓанска организација која се грижи за правата на пензионерите и за унапредување на развојот на пензионерското организирање. Ентузијастите што ги формирале првите здруженија на пензионери и Сојузот, имале визија кои треба да бидат целите на ова здружување и во која насока треба да биде насочен нивниот активизам. Целта им била јасна: подобрување на пензионерскиот живот, обезбедување права и активно стареење. Во својот развој оваа пензионерска асоцијација прераснала во најмасовна најактивна и невладина мултиетничка организација  и респектабилен субјект со значајни постигања во интерес на корисниците на пензија. Иако е јубилеј сепак заслужува да го споменеме најважниот институт во пензискиот систем - усогласување на пензиите преку кој се одржува реалната вредност на пензијата кој институт наназад  гледано доживувал повеќе модалитети приспособувајќи се на општествено-економските услови.

Заслужува да се споменат и постигнатите резултати  преку пензионерското организирање, а тоа е: заштитата  на стекнатите права во пензиското и инвалидското осигурување, подобра здравствена заштита преку ослободување од партиципација за болничко лекување на пензионери со пониски примања, бањско-климатската рекреација, зголемената соработка со локалната власт и широкото поле на соработка со Црвениот Крст. Не изостана пред пандемијата и меѓународната соработка на културен и спортски план на Сојузот и здруженијата на пензионерите на Македонија со здруженија и Сојузи на земјите од опкружувањето.

СЗПМ застана  пред  предизвикот Ковид 19 и  секој ден вратите на Сојузот беа  отворени, секој месец излегуваше весникот „Пензионер плус“, кој овој пат ни беше насушна потреба за координација меѓу Сојузот и здруженијата на пензионерите, како и меѓу самите здруженија. Во оваа јубилејна година се одржаа и регионалните ревии на песни музика и игри во 8 региони во државата,  како и Републичката ревија на песни, музика и игри, а на први септември, во Прилеп  започнаа и регионалните пензионерски спортски натпревари во организација на Сојузот, кои завршија на 17 септември 2021 година во Виница.

Со финансиска поддршка на издавачката дејност и творештво, СЗПМ поддржа и

 одреден број корисници на пензија  на кои перото им го олеснуваше животот во време на пандемија. Со тоа покажавме дека  пензионерот со заминување во пензија не се пензионира и од работа и општеството, туку твори и  создава.

Практикувањето и на социјално-хуманитарната дејност особено  стана многу битна во услови на  пандемија, кога дојде до израз заемноста и солидарноста меѓу пензионерите. Дел од Активностите во време на пандемија застанаа, но не престанаа, затоа што во здруженијата  едни активности се заменија со други. Се опремуваа клубовите, се реновираа пензионерските соби, се работеше на снабдување на пензионерите со огревно дрво, се направи согледување за состојбата со старските и пензионерските домови, како работат клубовите, дневните центри, помош на помалите здруженија, воведување на потстраница на здруженијата во рамките на веб-страницата на Сојузот, а особено значајно беше доделување на разни видови  помоши покажувајќи дека пензионерот не е сам  и преку  инклузивни активности се работеше  во подобрување на материјалниот статус на пензионерот. Во тој контекст заслужува да се спомене и проектот односно воведената телефонска линија во Сојузот „Ало пензионерски прашања“ на која пензионерите може да прашуваат и да добијат одговори од компетентни лица. Почитувани, има уште многу проекти кои произлегоа од СЗПМ, од органите на Сојузот во кои членуваат пензионери од здруженијата на пензионерите кои непосредно учествуваат во донесувањето на одлуките, што значи дека резултатите на Сојузот и здруженијата се заеднички. Ќе го завршам моето јубилејно обраќање со зборовите дека ние пензионерите ќе продолжиме по патот што сме го трасирале уште пред 75 години, со барање  за подобар и подостоинствен живот со гласно укажување дека на пензионерите не треба да се гледа како товар на општеството туку како целна група со интегритет и значење, затоа што пензионерот знае да почитува и да разбира.

Потоа на присутните им се обрати Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, кој е голем почитувач и пријател на пензионерите.

По почитуваниот Претседател на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, присутните ги поздрави и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. На Свечената седница имаше пригодна културно-уметничка програма.  

Со голема чест и благодарност за особен придонес во пензионерскиот развој, а по повод големиот јубилеј, им беа доделени плакети на присутните добитници: Премиерот Зоран Заев, Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и на директорката на  ФПИОСМ Билјана Јовановска. Плакетите им ги врачи Претседателката на Сојузот Станка Трајкова. На другите добитници на плакети и на признанија ќе им бидат врачени на соодветни пригодни средби.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3