ЗП Пехчево
Пензионери ентузијасти
26.5.2022Селото Умлена се наоѓа во Општина Пехчево и брои околу 250 жители, кои се занимаваат со земјоделство и сточарство, а поголем дел од нив работат во фирми во Берово и Пехчево. Близината на селото до градските средини условило селото да остане „живо“ со голем број новоизградени куќи и објекти за чување стока и решена инфраструктура улици, водовод и канализација, продавници, а работи и подрачно училиште.
Со средства на Здружението на пензионерите на општина Пехчево и СЗПМ отворен е Пензионерски клуб каде што пензионерите од селото можат да се дружат во слободното време играјќи тебла, шах и карти.
Во селото во 1904 година е изградена селската црква „Св. Спас“, на која иако во неколку наврати е вршена интервенција била во руинирана состојба. Поведена е иницијатива од двајца млади пензионери од селото Благој Сеничев и Јордан Димитковски со поддршка на жителите на селото, црквата целосно е реновирана. На почетокот располагале со 300.000 денари, средства од црковниот одбор. Почнале со прибирање средства за кои се водело интерно книговодство на една тетратка со издавање каса-прими и каса-исплати за сите парични средства. Се договориле од сите жители на селото да собираат по 200 денари, со тоа што некои давале и повеќе од договорениот износ.
Направен е договор со приватен изведувач и почнале со работа. Бидејќи задниот дел од црквата бил склон на паѓање и истиот е реновиран од темел, саниран е покривот на црквата, изработена е нова фасада и тротоари и нацртани се нови икони со средства од донатори. Со донатор од Скопје на подот на црквата се поставени нови плочки. Заради заштита на дрвените делови на црквата извршено е премачкување со заштитно средство. Кога започнало реновирање на црквата со свои донации во материјали учествувале и фирми од Виница, Кочани и Свети Николе.
Планирано е активностите да продолжат и во 2022 година со изградба на нова камбанарија, за што веќе е обезбеден донатор, и се реновира и натстрешницата во која би се организирале собири во селото.
-Сакам да ги пофалам двајцата млади пензионери кои со својата активност покажаа дека и во малите средини може здружено со останатите жители да се ангажираат за доброто на сите, - ни рече претседателот на огранокот на пензионери во Умлена и делегат во Собранието на СЗПМ Јова Марковски.
А. Кацарски