За пишувањето и за тие што пишуваат
25.5.2022За да пишува некој добро, тој треба да е и добар мислител. Целите за пишување се разликуваaт. Некои пишуваат за себе, некои пишуваат за пари, некои пишуваат за одредени нечии цели, а некои постојано бараат публика, внимание и содржина за својот празен без содржина живот. Секој што пишува ако прочита што вели Џорџ Орвел за пишувањето, ќе се најде себеси во некој дел од опишаните мотиви и цели до кои дошол тој самиот, опишувајќи го својот живот.
„Бев осамен и наскоро развив непријатни манири што ме направија непопуларен кај децата во училиштето. Мислам дека од самиот почеток моите амбиции за пишување беа измешани со чувството дека сум изолиран и потценет од околината. Барав решение и меѓу другото го најдов и во пишувањето“.
Според Орвел постојат главно четири мотиви за пишување: проза, поезија, новинарски написи и друго. Тој дозволува овие мотиви да бидат измешани и да постојат на различен степен на пишување кај секој кој пишува, кој твори. Tие четири мотиви се:
1.Вистински егоизам. Желбата да изгледате паметни, луѓето да зборуваат за вас, да бидете запаметени, да им возвратите на луѓето што ве навредиле според вас неправедно. Лицемерно е да се преправате дека ова не е мотив, и тоа силен. Вашиот гнев го насочувате кон сите: научниците, уметниците, политичарите, правниците, успешните бизнисмени, а најмногу кон оние коишто се причина за вашиот гнев!
2.Естетски ентузијазам. Перцепцијата на убавината во надворешниот свет или, од друга страна, во зборовите и нивното правилно уредување. Задоволството во влијанието на еден звук врз друг, во цврстината на добрата проза и ритамот на добрата приказна. Желбата да се сподели искуството што го чувствува човек е вредна и не треба да се пропушти.
3.Историски импулс. Желбата да се видат работите како што се, да се откријат вистинските факти и да се зачуваат за употребата на поколението.
4.Политичка цел. Користејќи го зборот „политички“ во најширока можна смисла. Желбата да се поттикне светот да оди во одредена насока, да се смени идејата на луѓето за општество кон кое треба да се стремат. Ниту една книга, ниту еден напис, не е вистински ослободен од политичка пристрасност. Мислењето дека напишаното не треба да има никаква врска со политиката само по себе е политички став.
Според Орвел, секој оној што пишува, не пишува исклучително за пари. Наградите се премногу невообичаено психолошки, како и болките. И задоволствата се премногу нејасни и практично често бескорисни. Орвел започнува со една од оние психолошки компензации, славата, потоа задоволството, должноста кон општеството, кон потомството и друго. Тој набројува четири мотиви за пишување, но во овој текст ќе анализираме само два: вистински егоизам и политичка цел, кои на некој начин имаат врска со одредени написи кои се појавија во последно време за работата, активностите и резултатите на најголемата невладина, мултиетничка асоцијација Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија кој опстанува цели 75 години, асоцијација на која активностите и резултатите и се верифицирани од поголемиот број нејзини членови, од институции во државата и надвор од неа, иако се разбира во своето долгогодишно постоење имала и има одредени неправилности, како и секаде и во сe. Но фактот што опстанува цели 75 години е непобитен доказ дека целите за кои постои се добри и во интерес на членството. Во спротивно ќе ја снемало, ќе заминала во историјата.
Напаѓањата и барањато да се пронајде што не е добро, а игнорирајќи го корисното и доброто, доаѓаме до прашањето кому му пречи оваа пензионерска асоцијација и зошто одредени личности пишуваат, но и кажуваат одредени работи, ја негираат реалноста, прават забуна, измислуваат, дури шират невистини?
Одговорот може да се открие во првиот мотив кој го посочува Орвел, а заклучокот е дека тоа се главно луѓе кои во одредено време добиле доста и сега се сметаат онеправдани затоа што го изгубиле тоа. Ако на човек во одреден период му давате премногу, а потоа тоа му го одземете, го туркате кон неблагодарност. Човекот најчесто не е свесен за тоа што го има, сe додека не го почувствува неговиот недостиг! Тој особено жестоко се нафрла врз оние за кои смета дека му одзеле нешто, заборавајќи дека тие истите најмногу му дале, и го бранеле дури и од него самите кога правел одредени грешки. Ако му ја одземате благодарноста, тој без неа се чувствува празно, а празните луѓе се алчни. Таквите луѓе, го губат чувството за вредност на она што го добивале, не се свесни за тоа, и се однесуваат како да не добиле ништо вредно. Но дури и да биле онеправдани, треба да најдат објаснување и да простат, но простуваат само големите луѓе. Простуваат интелегентните луѓе, а не простуваат луѓе со слаб карактер и ситни души. Тие бараат начин како да се одмаздат.
По електронските, но помалку и во пишаните медиуми, луѓето се бунат и негодуваат дека ништо не добиле или не добиваат од Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, а не стапнале во здружението и го губат своето време седејќи дома во фотелја и чекајќи да добијат врска на телефон, наместо да излезат и да се дружат со своите врсници, да се вклучат во многубројните активности како што е спортувањето, културните активности и активно да стареат. Осаменоста е страшна. Таа генерира лошотија, гнев, создава лоши луѓе кои само критикуваат и кога се во право и кога не се, заборавајќи при тоа дека радост, задоволство, исполнетост, носи само дружењето. Во друшто сe е поинаку, дури и проблемите кои ги имаме. И во минатото и денес и во иднина Сојузот се труди да им помогне и да ги штити своите членови. Успешноста во тоа зависи од многу фактори, но и од самото членство и во неговото ангажирање работите да бидат подобри! Секој колку што може и како може!
И на крајот за пишувањето со политичка цел. Ваквото пишување е оправдано ако е во интерес на општото добро, но не е ако носи немир, ако подбуцнува и сее омраза. Уште полошо е ако е нарачано, со цел да му се додвори некому. И самиот нарачател со време престанува да ги сака таквите, кога ќе ги открие нивните недостатоци. Секој умен сака да се дружи со еднакви на себе со кои може да разменува мислења, или со поумни од себе од кои може да научи нешто.
К. С. Андонова