Инфо  

Галерии

Интервју со министерката на МТСП, Јована Тренчевска

Подобрување на квалитетот на животот на највозрасните преку усогласување на пензиите и други мерки, е мој приоритет

21.7.2022
  • МТСП е министерство кое е најмногу поврзано со проблемите на луѓето од трета доба односно на пензионерите. Како министерка на ова министерство што ќе ни кажете за Вашата тековна ангажираност во овој домен?

Грижата за нашата највозрасна популација, пензионерите, е еден од приоритетите на Владата на Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика. За тоа потврдува и фактот, што една од првите мерки кои ги реализиравме од доаѓањето на овој владин состав е растот на пензиите со цел подобрување на квалитетот на живот на старите лица.

Заедно со претставниците на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Партијата на пензионерите и ние како Влада, го отворивме прашањето за изнаоѓање на најсоодветно решение за постојан раст на пензиите преку воспоставување нова методологија. Согласно со измените, пензиите ќе се усогласуваат со комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата и 50% пораст на трошоци на живот. Со исплатата на септемвриската пензија, а согласно првичните анализи, пензионерите ќе добијат раст за околу 8% повисоки пензии.

Покрај растот на пензиите, во време на економско-енергетска криза и ценовни шокови, исплативме и финансиска поддршка за 330 000 пензионери од 1.000 денари за времетраење од три месеци.

Истовремено, Министерството во партнерство со општините и граѓанските организации работат на воспоставување социјални услуги на локално ниво, наменети за старите лица, веќе препознатлива и кај граѓаните помош и нега во домот, која е од особено значење и за корисниците на услугата, но и за вклучување на тешко вработливите лица од заедницата на пазарот на труд.

Подобрувањето на квалитетот на животот на највозрасната категорија на наши сограѓани останува наш приоритет и понатаму.

  • Ќе има ли нови проекти поврзани со пензионерите и кои?

Проектот за подобрување на социјалните услуги на локално ниво, кој е проект на Министерството за труд и социјална политика, а со поддршка на Светска банка, продолжува.

Во рамките на првиот повик за доделување грантови за развој на социјалните услуги на локално ниво, 22 проекта во 27 општини добија финансиска поддршка преку овој проект. Најголемиот дел од нив или 16 се за помош на нега на стари лица во домот, три се дневни центри за деца со попреченост, а по еден проект е наменет за помош на стари лица во дневен центар и рехабилитација и регенерација на лица со попреченост во локалната средина со услуги за советување. Преку овие услуги опфатни се повеќе од 500 корисници, а дополнителна придобивка е што лицата кои се ангажирани за реализација на овие проекти се од социјално ранливи категории, кои претходно поминаа стручни обуки.

Со цел опфат на што поголем број општини и лица за кои социјалните услуги значат подобрување на квалитетот на нивниот живот, Министерството одлучи да објави нов, втор јавен повик за локалните заедници кои досега не се пријавиле, тоа да го направат, а на ова претходеше и презентација на Проектот во повеќе градови низ државата.

Заедно со Сојузот на пензионерите ќе продолжиме да креираме мерки и политики кои ќе бидат наменети за пензионерите и кои ќе значат помош и поддршка и во наредниот период.

  • Кој беше предизвикот да прифатите да раководите со ова министерство кое се занимава најдиректно со сите граѓани во државата односно со најтешките лични проблеми на одредени групи граѓани?

Земајќи предвид дека, најголемот дел од мојот работен стаж, а тоа е околу 20 години, го стекнав во Министерството за труд и социјална политика, што е навистина доста време да се запознаете со сите области кои се во неговата надлежност, како еднаквите можности, социјалната и детска заштита, областа на трудот, пензиското и инвалидското осигурување, што претставува грижа за граѓаните и нивните права од најмала до најстара возраст, за мене не претставуваше ништо ново, туку претставува продолжување на она за кое и како вработена во Министерството се залагав, а воедно раководењето со институцијата само ми овозможи уште поинтензивно да ги движам работите напред. Затоа што ние сме сервисот на граѓаните, ние сме тука за нив. Да испорачаме резултати кои ќе значат остварување на нивните права, подобрување  на квалитетот на живот на секој еден наш граѓанин, системско решавање на сите прашања, повисоки плати пензии, повеќе мерки за лицата со попреченост и нивните родители.

  • Вие долго време меѓу другото сте се бавеле со родовната дискриминација во однос на женската популација. Каков е третманот на жените во нашето општество? Доволно ли се застапени жените во општествениот живот во нашата земја?

Еднаквите можности и еднаков пристап до сите ресурси за жените и мажите е моја заложба повеќе од 30 години. Посветеноста на родовата еднаквост ја започнав во граѓанскиот сектор, уште пред да се вработам во Министерството. Да овозможиме подеднакво секој наш граѓанин да ужива во основните човекови права. Да се бориме да ги надминеме сите стереотипи и предрасуди поврзани со улогата на жените и мажите, девојчињата и момчињата во општеството. Да се зачува традицијата, но да гледаме и напред кон модерните, кон демократските вредности кои нема да  ги дискриминираат жените и ќе им овозможат подеднакви шанси како и на мажите. Направено е многу во однос на положбата на жените во општеството, но треба уште многу да направиме за да може да кажеме дека вистински сме еднакви. Де јуре еднаквоста ја имаме но не и де факто. Во однос на учеството на жените во процесите на одлучување имаме вистински позитивни резултати. Но само онаму каде постојат афирмативни мерки и законска обврска за подеднакво учество на жените и мажите. Состојбата е поинаква и незадоволителна во оние области каде што не постои законска обврска. Треба да се посветиме на тоа, заеднички сите. Родовата еднаквост не е прашање на кое треба да бидат посветени само жените. Тоа треба да е подеднакво важно за сите, и за мажите и за жените. Со заеднички сили да се избориме за повеќе жени во сите процеси на одлучување. За еднакви можности за сите. Само така можеме да имаме подобри резултати и да покажеме дека сите за нас се важни.

  • Почитувана министерке, Вие сте доста ангажирана со работата во Министерството. Имате ли време и за други работи кои Ви носат задоволство и други убавини во Вашиот живот?

Секако дека треба да има баланс помеѓу работата и приватниот живот. Времето во кое живееме носи многу предизвици со кои треба да се справиме. Како во професионалниот така и во приватниот живот. Суштината на нашето постоење е да направиме баланс, да направиме добар план и организација во кој нема да биде запоставен ниту нашиот професионален избор, ниту приватниот живот. Семејството за мене е изворот на позитивната енергија. Изворот на љубов и поддршка. Потекнувам од поголемо семејство. Тука се моите сестри, внуки и внуци и нивните фамилии. Тоа е моето богатство. Но тука се и моите другари и другарки од детството, моите пријатели. За нив секогаш имам време. Можеби не секогаш за средби, затоа што животот не однел на различни страни од светот, но модерната технологија ни овозможува редовна комуникација. Добар филм, книга се исто така едни од убавините за кои наоѓам време. И убавите дружби со луѓе кои зрачат позитивна енергија.

Разговорот го водеше Калина  С. Андонова
Главен и одговорен уредник на весникот
Пензионер плус

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3