Интервју со генералниот директор на ФПИОСМ Дритан Беџети
Пензионерите се наш приоритет
19.8.2022
- Соработката на ФПИОСМ со Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија е на посакуваното ниво особено во последниве неколку години. Ве молам кажете ни ги најбитните прашања и проблеми со кои Вие како прв човек се соочувате во работењето на Фондот.
-Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија и Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија имаат тесна и успешна меѓусебна соработка. Заедничка цел се пензионерите и нивните права. Фондот го реализира нивното законско право, додека во соработка со Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија заедно и во континуитет придонесуваат во олеснување и донесување правилни одлуки во врска со остварувањето на нивното пензиско право, во исполнување на нивните потреби кои произлегуваат од секојдневието.
- Фондот е институција во којашто се остваруваат правата од пeнзиското и инвалидското осигурување, а се врши и исплата на пензиите. Секој месец пензиите редовно се исплатуваат на општо задоволство на пензионерите, а и на Вас како директор на Фондот. Кажете ни нешто за финансиската состојба во Фондот, која верувам дека е постојано во Вашиот фокус?
-Финансиската состојба на Фондот е стабилна а со тоа и реализацијата на приходите се спроведува согласно со планираната динамика на редовно ниво. Исплатата на пензиите се врши редовно, дури и предвремено, практика од вонредната состојба со пандемијата.
- Во последно време ФПИОСМ може да се пофали и со повеќе новини во кои е искористена дигиталната технологија и пристапот на луѓето преку интернет до повеќе податоци и документи. Ова доста ја олеснува работата и на Фондот и на сегашните и идните пензионери на сите нивоа и во сите области. Ќе има ли нешто ново и на овој план?
-Важноста на меѓуинституционалната соработка како и стратегиите за подобрување на дигиталната вклученост на сите услуги, се нашиот главен фокус во институцијата. Фондот ги следи трендовите во светот со редовно учество во меѓународни конференции и се залага тие стратегии и иновации од технологијата да ги применува и кај нас. Целта на Фондот е да нуди услуги преку кои ќе им се олесни на граѓаните кои имаат некомплетни податоци за стаж, со што ќе се обезбеди поефикасно и навремено остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување.
Покрај веќе достапните услуги, Фондот на ПИОСМ преку проекти од Светска банка и работни групи во Фондот работат на унапредувањето и донесувањето на законските решенија за комплетирање на евиденцијата на осигурениците.
- Едно од значајните прашања за пензионерите е исплатата на посмртната помош, што беше проблематична во услови на пандемија. Познато е дека Солидарниот фонд е во надлежност на Одборот на Регистрираната организација за солидарен фонд и членарина, а средствата ги обезбедуваат самите пензионери, додека Фондот само ја врши исплатата на ова парично давање. Ве молам, кажете ни каква е сега состојбaта со исплатата на посмртната помош за што постои голем интерес во јавноста?
-Фондот на ПИОСМ и СЗПМ разменуваат податоци во делот на исплатата на средствата за Солидарен фонд и членарина на нивните изјаснети членови. Средствата за солидарен фонд - посмртна помош се користат исклучително за исплата на посмртна помош на семејствата на починатите корисници на пензија, на кои им се вршело задршка од пензијата за посмртна помош, а исплатата се врши редоследно според поднесено барање за што е изготвена посебна апликација.
Во изминатиот период, во условите на пандемија се зголеми времето на чекање за исплата на посмртна помош на семејствата на починатите корисници на пензија, но сега тоа е веќе надминато и исплатата тече редовно, редоследно со поднесување барање од членовите на починатото лице.
- На крајот кажете ни нешто за Вашите лични, но и плановите на институцијата во наредниот период. Пензионерите сакаат да бидат запознаени и информирани. Што може да очекуваат сегашните и идните пензионери особено по прашања поврзани со нивната проблематика?
-Фондот на ПИОСМ во соработка со Владата на РСМ во континуитет работи на унапредување на правата од ПИО, како и изнаоѓање решенија кои се во корист на граѓаните.
Пензионерите се наш приоритет и продолжуваме одговорно да се грижиме за обезбедување на долгорочни одржливи пензии за сите сегашни и идни пензионери.
- Почитуван директоре, Ви благодариме за отстапеното време и за можноста да ни го дадете ова интервју.
Калина С. Андонова