|
ЗП Центар
Отворени два нови клуба
5.10.2022
ЗП Центар, на 4 октомври 2022 година, на свечен начин го отвори пензионерскиот клуб „Миле Арсовски“, а една седмица пред тоа, исто така, беше отворен пензионерскиот клуб „Гоце Делчев“. Како што е познато, отворањето на овие клубови и нивното функционирање е плод на успешната соработка меѓу Општина Центар и Здружението на пензионери од оваа општина.
На свеченото отворање на клубот „Миле Арсовски“ присуствуваа голем број пензионери од подрачјето на овој дел од општината, претседателот на Здружението на пензионери Центар Злате Стефановски како и градоначалникот на општината м-р Горан Герасимовски, со својот тим соработници.
На присутните пензионери најнапред им се обрати претставник на фамилијата Љупчо Арсовски, роднина на патронот на Клубот „Миле Арсовски“. Со големо внимание беше проследено потсетувањето за ликот и делото на овој македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ. Миле Арсовски бил бестрашен борец, особено сакан од своите соборци. Загинал при нападот на Женската гимназија во Скопје.
Присутните ги поздрави и градоначалникот на Општина „Центар“ м-р Горан Герасимовски. Градоначалникот најнапред ја истакна добрата соработка на општината со пензионерската организација, грижата за пензионерите и особено на оние на кои им е потребна посебна помош и при тоа потсети дека општината има многу проекти како за помош и соработка со помладите жители, така и за повозрасните. Градоначалникот Герасимовски ги израдува пензионерите со информацијата дека со Ребалансот на Буџетот на општината, ќе се издвојат средства за подмирување на сметките за струја на пензионерите со пониски пензии, кое како прашање и проблем пред градоначалникот, беше подигнато на последната седница на Собранието. Претседателот на Здружението Злате Стефановски, му се заблагодари на градоначалникот за успешната соработка и особено за брзата реакција за помош на пензионерите со ниски примања. Инаку Клубот „Миле Арсовски“ се наоѓа зад трговскиот центар „Буњаковец“, до катната гаража.
Исто така, градоначалникот пред една седмица го отвори и Пензионерскиот клуб „Гоце Делчев“, што се наоѓа во катната гаража кај Судската палата. Клубот е отворен повторно како резултат на добрата соработка со локалната самоуправа. Овој клуб е во просториите на ЈП ПОЦ и е за жителите на населбите Крњево и Кале. Овде највозрасните граѓани ќе можат да играат шах, домино и карти, ќе можат да се дружат и квалитетно да го поминуваат слободното време. Градоначалникот Горан Герасимовски при отворањето одигра партија шах. Публика беа пензионерите од овој огранок на здружението.
И градоначалникот и претседателот на Здружението Злате Стефановски посакаа соработката да продолжи како и досега, пензионерите да излегуваат почесто од дома и помасовно да ги користат клубовите, зашто тие ќе им го направат животот поинтересен, поисполнет и позабавен.
Цветанка Илиева
|
|