Инфо  

Галерии

Спортската пензионерска Олимпијада Брвеница 2023

Најдобри штипските пензионери спортисти

17.9.2023

На 17 септември во чест на Денот на пензионерите на Македонија, и во името на Денот на независност на нашата држава, Република Северна Македонија се одржаа 27-те Републички пензионерски спортски натпревари на кои им претходеа осум регионални пензионерски спортски натпревари.

На големиот број присутни пензионери од пласираните 43 здруженија прв ги поздрави и им посака добредојде претседателот на ЗП Тетово Селвер Мемети. Потоа со одбрани зборови гостите и натпреварувачите ги поздрави секретарот на Општината Горан Јовановски. По нивните обраќања на спортистите и na гостите  им се обрати претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија Станка Трајкова која меѓу другото рече:
- Почитувани присутни со особено задоволство Ве поздравам сите вас кои дојдовте на оваа наша голема и значајна манифестација. Како што е познато на денешните 27 - ми по ред републички спортски натпревари претходеа 8 Регионални спортски игри на кои пензионерите се натпреваруваа во сите  дисциплини согласно Правилникот за спорт. На нив беше присутен голем ентузијазам да се победи, да се освои барем едно прво место за да се учествува на републичките натпревари. Почитувани, на регионалните игри учествуваа сите 53 здруженија членки на Сојузот со 1.584 натпреварувачи од кои 1. 028 во машка и 553 натпреварувачи во женска конкуренција. Инаку по сите основи присуствуваа и се дружеа 2.215 корисници на пензија. Меѓутоа ,оваа година на Републичките натпревари со свои натпреварувачи успееја да се квалификуваат 43 Здруженија со  вкупно 371 натпреварувач, од кои 224 во машка и 147 во женска конкуренција.

Денеска на 27-те Републички спортски натпревари очекувам фер спортување и нека победат најдобрите, но мислам дека најважно е да се учествува и да му се честита на победникот. Затоа, горда  сум на сите Вас што сите заедно и кога е спортот во прашање градиме соживот и другарство. Спортувајте, радувајте се  и поделете ја среќата со Вашите колеги спортисти.

За отворени ги прогласувам 27-те Републички спортски пензионерски игри во Брвеница-Тетово во 2023 година.
По нејзиното обраќање започнаа натпреварите според однапред одредените правила поместени во Правилникот за спортски натпревари, за што додатни објаснувања даде Здравко Петковски  претседателот на Комисијата за спорт и рекреација при ИО на Сојузот. Потоа беа прогласени победниците во сите дисциплини и севкупниот победник Здружението на пензионери од Штип. На второ место се пласираа спортистите од ЗП Гази Баба и на трето место домаќините ЗП Тетово.

Спортската пензионерска Олимпијада 2023 година во организација на Сојузот на здруженија на пензионери чиј домаќин беше ЗП Тетово, заврши со дружење и задоволство бидејќи сите се чувствуваа како победници.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3