Инфо  

Галерии

Усвоена Програмата и Финансискиот план за 2024 година на ЗП Центар

23.12.2023

На почетокот на декември 2023 година, се одржа четвртата седница на Собранието на ЗП Центар која ја раководеше претседателката на Собранието Љубинка Крстева.
На почетокот на седницата членовите на Собранието изразија сочувство до семејствата на починатата Вања Ѓорчевска од Центар и на Панче Жежовски од Велес, како и на починатите пензионери од ЗП Центар меѓу двете седници.
Членовите на Собранието  вниманието го насочија  кон Програмата за работа на Собранието и на Извршниот одбор на Здружението за 2024 година. Претседателот на ЗП Центар Злате Стефановски во врска со тоа нагласи дека Програмата е подготвена врз основа на искуствата од досегашната работа на  органите и телата на Здружението и за секоја активност во неа е определен и рок за исполнување.
Подготовките за регионалните и за Републичката фолклорна ревија како и за спортските натпревари, посетата на болни и изнемоштени пензионери, грижата за здравјето на пензионерите од Центар, преку редовно мерење на крвен притисок и шеќер во крвта и други активности, ќе бидат приоритет на ЗП Центар, како и соработката во оваа насока со Црвениот крст на општината. И во следната година ќе се организираат еднодневни и дводневни екскурзии во нашата земја и во земјите од соседството. Во Програмата се набележани и насоки за поттикнување на активностите и на осумте ограноци на Здружението, а посебно место има и доделувањето на еднократна парична помош на пензионерите со ниски пензиски примања. При донесувањето на Програмата беше нагласено дека таа е отворена и може да се надополнува со прашања и предлози од интерес на членството преку целата година.
Беше донесен и Финансискиот план за приходите и расходите на ЗП Центар за 2024 година. Вкупните планирани приходи изнесуваат 6.172.079, а вкупните расходи 4.078.000 денари.
Собранието на четвртата седница ја разгледа и Предлог-одлуката од Извршниот одбор и за измени и дополнувања на Деловникот за работа на Собранието на ЗП Центар- Скопје. Имено огранокот на просветните работници повеќе не е составен дел на Здружението и сите промени се во врска со тоа. Членот  во статутарната комисија што досега беше од огранокот на просветни работници Анастасија Стојановска, е заменет со Валериј Стефановски. Беше донесена уште една промена на Деловникот. Бидејќи нема  потпретседател, во отсуство на претседателот на Собранието негова замена ќе биде најстариот член на Собранието.
Претседателот на ЗП Центар Злате Стефановски на седницата потсети дека на 20-ти јануари ќе биде на свечен начин одбележан Денот на здружението 22 јануари, односно големиот јубилеј,  70 години од формирањето на Здружението. Притоа нагласи дека ова е првото пензионерско здружение и едно од најголемите во Републикава со најзабележливи резултати низ овие 70 години.
На седницата беше информирано дека пензионерите спореде Меморандумот склучен меѓу Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија и приватната болница Промедика – офталмологија добија можност за офталмолошки прегледи по намалени цени. Пензионерите од ЗП Центар добиваат попуст и за посета на театарски претстави во Македонскиот народен театар.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3