Инфо  

Галерии

Усвоени значајни проекти од Советот за социјална сигурност за највозрасната популација

5.8.2017

На 25 јули 2017 година  Советот за  социјална сигурност во Министерството за труд и социјална политика, одржа седница на која се разгледаа и усвоија  Проекти како програмски задачи за 2018 г. кои   ќе значат унапредување на социјалната положба, интеграција и подобрување на животниот стандард на корисниците на пензија. На седницата  членовите на Советот ги поздрави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска која  покажа значителен интерес за предложените проекти со  значајно учество во работата на Советот.

За работата  на  седницата на Советот од сите претставници беше побарано да достават проекти со основна цел промоција на социјалните права и интереси на корисниците на пензија со предлози за мерки и активности за подобрување на стандардот на пензионерите  како значајна  целна група на граѓани во нашата држава.

Проекти кои беа  предложени од СЗПМ и би значеле унапредување на социјалната положба на корисниците на пензија се следните:

1. Утврдување на конечни податоци во матичната евиденција  на ФПИОМ за осигуреници кои се 2-3 години пред пензија како би можеле побрзо да остварат право на пензија. Фондот на ПИОМ оваа задача би ја извршувал по службена должност, а по потреба и учество на идниот пензионер. Овој проект многу позитивно ќе се одрази во благовремено обезбедување на материјалната сигурност на идниот пензионер по престанок на работниот однос;

2. Адаптирање на делови на неискористен простор во  општите болници - за постоење на Геронтолошки одделенија бидејќи има дефицит односно голема потреба за сместување на старите лица;

3. Можност за лекување на корисниците на пензија во приватни  здравствени установи со доплата  на разликата на цената  меѓу цената на услугата во јавното здравство и приватната здравствена организација;

4. Ослободување од целосна партиципација  за обезбедување на здравствената заштита (прегледи, дијагностички испитувања и болничко лекување);

5. Зголемување  бројот на лековите на позитивната листа кои се на товар на Фондот за здравство и обезбедување односно континуирана снабденост на лекови во аптеките  во целиот месец, а не само во првата половина од месецот;

6. Целосна опфатеност на руралните средини со подвижни аптеки и создавање услови за работа на теренските лекари задолжително проследени со аптека за да не мораат старите лица да одат  во блискиот град по лекови што претставува нецелосна здравствена заштита на пензионерот;

7. Изградба на старски пензионерски државни домови со цени прифатливи за пензионерите;

8. Постоење на континуирана  контрола на работењето на приватните старски домови согледана од повеќе аспекти (правен, економски, здравствен, социјален, хуман и достоинствен) што е во надлежност на Министерството за труд и социјална политика, а по потреба да се подготви  студија и од соодветна стручна и компетентна институција од оваа област како насоки за решавање на круцијални прашања;

9. Закон за дополнување на Законот за здравствено осигурување со создавање правна основа децата на корисниците на пензија да остварат право на боледување за нега на своите  стари и болни родители –пензионери;

10.  Ќе се предлагаат и други проекти кои ќе се наметнат со својата актуелност. Работата на Советот беше збогатена со предлози  и од други претставници од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Црвениот крст и други субјекти членови на Советот. Посебно заслужува да се издвои Предлогот од Фондот на ПИОМ на местото каде што сега се наоѓа Комисијата за оцена на работната способност во општина Карпош да се изгради нов објект и во приземјето да  биде сместена Комисијата за оцена на работната способност, а на останатите катови да се изградат станбени единици за корисниците на пензија со околу 100 станови.

Членовите беа информирани дека проекти чија имплементација ќе започне во 2018 година се следните:

-ќе се воведе задолжително  издавање преглед за стаж и плати, со потврдени податоци во матичната евиденција, за сите работници, три години пред исполнувањето на условите за пензија;

- пензиите ќе се усогласуваат два пати  годишно, според порастот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот на платите во висина од 50% и ќе се разгледува можноста за дополнително усогласување на пензиите;

- ќе се донесе подзаконски акт за утврдување на минималната и максималната цена на сместување во прифатните установи за грижа на старите лица, како и зајакнување на контролата во овие установи;

- ќе се воведат нови пакувања лекови, како можност за подигање на терапијата на парче за хронично болните лица и ќе се овозможи тримесечна терапија;

- ќе се   унапреди  соработката со невладиниот сектор (Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, Црвениот крст на Република Македонија)  за обезбедување  социјални и здравствени услуги на старите лица.

На седницата, исто така, по предлог на СЗПМ и МТСП се утврди потребата од  продолжување на проектот за бањско-климатска рекреација  за пензионерите  со можност за  ревидирање на критериумите за упатување и користење на услугата.

Во Советот за социјална сигурност во кој членуваат претставници од СЗПМ, Фондот на ПИОМ, ФЗОМ, Министерството за финансии, Министерството за економија, Министерството за здравство, Црвениот крст на РМ, Министерството за труд и социјална политика, МАПАС и двете пензиски друштва.

Станка Трајкова

 

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3