Хуманоста и меѓусебната солидарност – пред се’ и над се’
Интервју со д-р Веле Алексоски, претседател на ЗП-Велес
10.8.2017
- Почитуван претседателе Алексоски имате завршено филолошки факултет – група француски јазик, сте докторирале на Универзитетот во Стразбур - Франција на историскиот институт на тема историја и цивилизации на Југоисточна Европа. Сте работеле како професор во Македонија и Франција, но и како новинар. Имате издадено повеќе книги на тема Македонија и македонската историја од научен карактер. Што ве поттикна да се нафатите да бидете претседател на ЗП Велес?
- По завршувањето на четиригодишниот мандат на претходната гарнитура и на тогашниот претседател со кого добро соработувавме, сметав дека е потребно внесување на некои иновации во работата на Здружението. Особено бев заинтересиран за подобрување на руралните ограноци и отворање на нови пензионерски домови. Нашето здружение ги опфаќа редовните и наследните пензионери од општините Велес, Градско и Чашка. Тоа спаѓа во побројните здруженија и не би било фер сите активности да се одвиваат во градот, а дружењето на пензионерите по селата да биде запоставено, пасивно или како воопшто да не постои. Сето ова ми беше предизвик да се нафатам да бидам претседател на Здружението. Тоа сум од од 2015 година, а пред тоа четири години бев секретар на Здружението.
- За овој период откако сте претседател што имате постигнато?
-Како што реков во претходниот одговор, прво што презедовме е подобрување на условите во Домот во градот Велес. Целосно ги реновиравме сите простории, особено оние каде што хигиената беше на многу ниско ниво. Поставивме натстрешница од стотина метри квадратни каде што пензионерите престојуваат во топлите денови. Ја реновиравме водоводната и канализационата инсталација и друго. Во огранокот во Отовица изградивме нова зграда за пензионери и младинци со што се интензивира интергенерациската соработка. Во Општина Чашка, во Богомила целосно го реновиравме запуштениот поранешен задружен дом кој стана излетничко рекреативен дом со 40 лежаи, кујна и спортска сала. Домот е од отворен карактер и за скромна сума престојуваат и пензионери и младинци како и други граѓани. Всушност тоа е еден вид воздушна бања. Овој дом беше пуштен на 2 август – Илинден, минатата година, а на овој Илинден ќе биде пуштен во употреба реновираниот, односно новоизградениот дом во Градско. Досегашната помошна просторија ја направивме прекрасна банкет сала. Би навел и неколку активности кои не се новини, туку посодржајни и поинтензивни културни и спортски содржини. Така сега имаме и интерни спортски натпревари меѓу пензионерите од општините Велес, Чашка и Градско. Целта на овие интерни натпревари не е само да се изврши селекција на спортистите, туку и да се продолжи времетраењето на натпреварите. Тројно се зголеми бројот на учесниците на спортските и културните настапи. Оваа година нашето здружение го освои првото место како вкупен победник на петтиот регион за кое што го добивме преодниот пехар. А се покажавме и како добри домаќини и организатори.
На ревиите на песна, музика и игри настапуваме перманентно и на републичките и на регионалните ревии. Со минатогодишниот перформанс, Гемиџиите и убиството на Миле Поп Јорданов ја воодушевивме публиката во Скопје, а оваа година истото се случи со сценската изведба на „Ленка“ од Кочо Рацин. Покрај пејачката група во нашето здружение постои и клуб на писатели-пензионери, но и група на хуманисти – волонтери кои се грижат како за социјалната состојба, така и за здравјето на пензионерите. Има медицинска сестра – дежурна за вечерните часови, но ја користиме и услугата на пензионирани врвни специјалисти.
Морам да напоменам дека во почетокот на јануари, годинава, го усогласивме нашиот статут со статутот на СЗПМ.
- Со Општина Велес имате потпишано „Стратегија за грижа за стари и изнемоштени лица“. Што тоа значи?
-Уште пред 5-6 години беше воведена национална стратегија – „Грижа за стари и немоќни стари лица“ која беше прифатена на локално ниво, а ние како здружение со оглед на структурата на нашето членство со задоволство ја прифативме и за истото соработуваме со повеќе субјекти. Кон крајот на минатата година ја усвоивме новата четиригодишна стратегија. Парични средства одвојува исклучиво нашето здружение, нормално соработуваме и со општината Велес. Средствата комисиски ги одобруваме на најзагрозени лица, бездомници, немоќни, невработени итн. Интервенираме при елементарни непогоди од 10 000 до 20 000 денари поделивме на семејства чии што домови изгореа минатата година. Помогнавме и на неколку семејства во поплавените места во Скопско – Стајковци, Инџиково...
- И за крај, имате ли нови идеи за подобро организирање на пензионерските асоцијации?
- Јас и порано, а и сега како претседател пред колегите јавно кажувам: „Секоја чест на мудроста на пензионерите од пред 70 години кои биле само неколку стотици во Македонија и кои измислиле вакви солидарни асоцијации. Без разлика на нивната идеолошка определба за нивната мудрост капа им симнувам. Вака цврсто и силно организирани пензионерски асоцијации на Балканот, а и во Европа се ретки. Заради тоа ние треба да бидеме уште пообединети и да постои еден единствен пензионерски сојуз во државата, бидејќи нашите колеги од инвалидските здруженија од здруженијата на трудовите или телесните инвалиди ја немаат моќта на самопомагање, затоа што нивниот бројот од година во година е се помал и помал. А дека така обединети ќе бидеме уште посилни нека се потсетат моите врсници на приказната за „Седумте браќа и снопчето со седумте прачки“ кое никогаш не можеле да го скршат. Згора на ова би порачал: политичките партии подалеку од невладините асоцијации, посебно од пензионерските здруженија. Ние сме опстоиле со децении благодарение на еднаквоста и меѓусебната солидарност, избегнувајќи ги политичките расправии во здруженијата. Ние сме сите „една партија“ – пензионерска организација која се грижи за сите членови без разлика на нивната политичка, партиска, конфесионална, етничка и било која друга припадност. Gens una sumus! – сите сме еден род.
Разговорот го водеше: Калина С.Андонова