Измина уште една успешна година за Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија
16.1.2018
Во месец декември според традицијата и практиката се сумираат и анализираат постигањата и пројавените проблеми за тековната година, а од тоа произлегуваат и програмите за работа во новата година. Согледувајќи ги вкупните резултати во 2017 година може со сигурност да се каже дека таа за Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија беше успешна. Ваквото сознание и оцена за работата пред се’ е резултат на успешно одржаните регионални и Републичка ревија на песни, музика и игри, на Пензионерската спортска олимпијада, на пикник средбите и сите други активности во Сојузот и здруженијата на пензионерите на Македонија. И овој пат пензионерските ревии се потврдија како верни чувари и негувачи на традициите, на изворните песни и културното наследство во нашата земја. На нив до полн израз дојде и мултиетничкиот карактер на нашата масовна организиација и станаа многу посакувана културна манифестација кај нас и надвор од државата. Годинава Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија на Меѓународниoт фестивал за трета животна доба во Љубљана успешно беше претставен со настапот на две културно-уметнички друштва, од ЗП Ѓорче Петров и од ЗП Штип.
На Пензионерската спортска олимпијада која беше успешно организирана за прв пат во Кочани настапија околу 500 натпреварувачи од кои 264 мажи и 236 жени од 40 здруженија членки на СЗПМ. Најдобри резултати имаа натпреварувачите на ЗП Прилеп, пред Охрид и Куманово, а значаен успех постигнаа и неколку помали здруженија како Кратово, Пробиштип, ОВР и Струга.
Голема масовност беше остварена и на пикник средбите во Ораовица, Еленец, Свети Пантелеј кај Кочани, Пелинце, Лесново, како и на мултиетничките средби во Тетово и Гостивар.
Тимската работа, транспарентноста, домаќинското и економичното работење и овој пат придонесоа СЗПМ да остварува и позитивни финансиски ефекти. Од буџетот на Сојузот се вложени вкупно рекордни 1.015.000 денари за поттик на активностите на здруженијата. При ова посебно треба да се нагласи дека се доделени 155.000 денари за изградба и адаптација на пензионерски домови и клубови во Пехчево, Делчево и Кичево.
Ваквата позитивна практика се планира да продолжи и во 2018 година, во која посебно во фокусот ќе бидат и реформите на пензискиот систем. Како што е познато Меѓународниот монетарен фонд во својот извештај за стабилизирање на Фондот на ПИОМ даде препораки да се укине бенефицираниот стаж и да се зголеми старосната граница за пензионирање. Според министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, овие препораки не се за прифаќање затоа што постојат други чекори кои што треба да се преземат за да може да се стабилизира овој Фонд. Притоа, таа нагласи дека Владата ќе се грижи за достоинствена пензија на сегашните и на идните пензионери.
Анализите во Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија покажуваат дека зголемувањето на старосната граница за одење во пензија најмногу ќе ги погоди работниците кои и сегашните услови на пензионирање ги чекаат со нетрпение. Тоа посебно се однесува на вработените во текстилната индустрија, во градежништвото, во рударството и во други дејности кадешто современата технологија на работа сеуште не се применува. Предлозите за промена на старосната граница за одење во пензија, односно за нејзино зголемување од сегашните 62 години за жени на 65 години, а на мажи од 64 години на 67 години, како што е регулирано во развиениот дел од Европа, кај нас не би била функционална. Тоа секако нема да придонесе за решавањето на проблемот со недостиг на средства во пензискиот Фонд. Решение за одржлив пензиски фонд треба да се бара во зголемување на бројот на вработени во нашата земја и на платите на осигурениците. Со тоа ќе се зголеми и приливот на потребните средства во Фондот. Во тој контекст треба да се разгледа и прашањето за остварување право на социјална пензија за категорија осигуреници кои немаат доволно пензиски стаж од најмалку 15 години, но се стари и немаат други приходи.
Во усвоената Програма за работа на СЗПМ во 2018 година се зацртани повеќе значајни задачи и активности, посебно за остварување на соработка со соодветни државни органи, ЗЕЛС, локалните самоуправи, Црвен крст и други невладини и непартиски асоцијации и фондации. На овој начин се очекува до израз да дојде премисата за почитување на личноста и обезбедување на пристојна егзистенција на сите пензионери врз принципите на еднаквост и солидарност. Поради тоа неслучајно повторно се актуелизира прашањето на донесување на Закон за пензионерско организирање во Република Македонија и порационално решевање на прашања од здравствената заштита во третото животно доба. Оттука се наметнува и потребата од изградба на пензионерски и старски домови и дневни центри за престој на пензионерите и старите луѓе.
Програмата и Финансискиот план на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија за 2018 година беа усвоени на седница на Собранието на СЗПМ на 22 декамври 2017 година, со заклучок дека вербата за подобро утре не треба да изостане. Постигањата се резултат на залагањата на сите во Сојузот и здруженијата. Тоа е постигнато благодатение на сплотеноста, соживотот и единство, а така ќе биде и во иднина. И како што рекол Чернишевски: „Личната среќа е неможна без среќата на другите“, ние велиме дека среќата на поединецот е дел од заедничката среќа.
Драги Аргировски
Претседател на СЗПМ