Инфо  

Галерии

Пензионерите гости во емисијата „На иста страна“ на ТВ Сител

Меѓугенерациска и мултиетничка соработка

20.3.2018

Животното искуство како лекција за младите                                             

Авторот и водителот на емисијата Марјан Николовски и овој пат се вклучи во потрага по позитивните примери за тоа како повозрасните луѓе од различни етнички и верски определби  комуницираат, а нивните приказни да бидат одлична лекција за младите во државата, за градење  заедништво и толеранција.
„Слушајте ги постарите, има што да научите“. Речиси и да не постои млад човек кој не ја слушнал оваа мисла од неговите родители, роднини, соседи, секако најчесто од оние повозрасните, поискусните, од луѓето од третaта доба. Тоа се луѓе што секогаш оставаат највпечатлива слика на маалските дружби, пред локалните гранапчиња, по парковите, каде што распослани со муабети даваат надеж за едно поспокојно време, време на разбирање, пријателство, толеранција и соживот. Појдовна точка во потрага на оваа тема за водителот беа и тврдењата на многумина дека луѓето од повозрасните генерации не се делат едни со други по националност и вера, така на тој начин се  потолерантни од младите луѓе. Затоа и водителот Николовски реши да провери  колку животното искуство на повозрасните е пресудно и истото може да биде лекција која младите треба да ја научат.
Потрагата по повеќе мудрости кои би требало да ги слушнат и разберат младите водителот  реши да се сретне со пензионерите кои се подготвуваа за седница на Собранието на Сојузот на здруженијата  на пензионерите на Македонија во кој членуваат Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци. Дел од нив пред почетокот на Собранието изразија желба да изнесат свои искуства и да поразговараат на оваа актуелна тема со водителот Николовски.

Бесник Почеста, претседател на  Собранието на СЗПМ прв го искажа својот став и потенцираше дека меѓу пензионерите има добар соживот. Тој потекнува од Дебар и вели дека таму често му се случува Македонец да го поздрави со добар ден на албански јазик, но и обратно, тој ги поздравува неговите пријатели пензионери на нивниот јазик.
- Тоа кај нас е секојдневје и така ќе биде и во иднина. Пресудно е домашното воспитување на децата во семејството. Ако секоја вечер на детето му зборуваш против еден Албанец или еден Македонец, тоа ќе го впие и ќе го практикува. Затоа, ние постарите треба да се трудиме тоа да го спречиме. И мислам дека го пренесуваме ова. Благодарејќи на нашиот тим, тука во СЗПМ другарството и почитувањето е на посакуваното ниво, – објаснува Почеста.
Мара Илиќ, претставник на ЗП на ОВР на Република Македонија рече дека возрасните повеќе комуницираат меѓу себе, токму поради нивното животно искуство, кое ги прави да бидат посмирени и поединствени.
д-р Веле Алексовски, претседател на ЗП Велес,  во младоста поради немање кадар на албански јазик, доброволно отишол да работи во едно село во општината Чашка, каде што живее доминантно албанско население.
- За време на Рамазанските пости секој ден го чукав тапанот за ифтар, секој ден бев присутен таму, имавме многу заеднички  незаборавни дружби.
Баки Бакиу, претседател на ЗП Сарај раскажа доживување од последната прослава при обележувањето на 10-годишниот  јубилеј на здружението.
-Тој ден имавме над стотина гости од сите етнички заедници. Тоа не ни пречеше на крајот,  заедно да се фатиме на оро еден до друг. На прославата имаше песни на албански, македонски и турски јазик. За меѓуетничкото дружење битни се колективните примери. Луѓето сами ги прифаѓаат ваквите дружења без некој да ги принудува на вакво однесување, - вели Бакиу.
На крајот од заедничкиот разговор, претседателот на Собранието на СЗПМ, Бесник Поцеста го потенцираше значењето на заедништвото.
- За соживотот заслужни се и медиумите, како што е оваа емисија, која е многу гледана од нас пензионерите.
Секое искажување - нова поука
Водителот Николовски во емисијата посочи дека од пензионерите слушнал многу важни поенти кои младината веројатно ќе мора да ги разбере, но, тој сакаше да дознае и нешто повеќе за тоа дали повозрасните, пензионерите, овие ставови ги практикуваат и во своите здруженија и во Сојузот и како тоа функционира.
Драги Аргировски е повеќе години претседател на СЗПМ.  Иако веќе десетина години е пензионер, сепак е витален и никогаш не пропушта можност на младите несебично да им даде совет, да им пренесе искуство и знаење. Вели дека мудрите луѓе секогаш сакаат да соработуваат, да создаваат пријателства и да го ценат туѓиот труд, без разлика на годините.
Според него, се знае дека искуството и мудроста им припаѓаат на повозрасните, но заедно со енергијата на младите ја градат иднината на секое општество. Во Република Македонија живеат над 300.000 пензионери. Претседателот на Сојузот посочи и едно позитивно искуство кое се случува со отворање на секоја туристичката сезона во Дојран, каде што во лето одат и по пет илјади пензинери и тоа во придружба на младите, односно со нивните деца и внуци.
- На нашите ревии на песни, музика и игри има присутни и млади и деца. Тие навиваат за својата баба или за својот дедо. Истото го имаме и на спортските терени. Имаме републички и регионални спортски натпревари на кои учествуваат по 500 натпреварувачи во 11 различни дисциплини. Тогаш доаѓаат и навиваат помладите за своите баба или дедо да освојат медал, за да се радуваат заедно дома - посочи претседателот на пензионерите.
Како долгогодишен новинар, особено е горд со тоа што во СЗПМ има многу богато информирање на пензионерите.

Следна дестинација на водителот беше клубот на ЗП Сарај, каде што пензионерите се собираат и играат шах, домино, пијат кафе, читаат весници, се дружат. Сите се сложија дека посакуваат и нивните деца да остарат за да ја почувствуваат оваа дружба и заемна почит, но и да се трудат уште поубаво да живеат. Пензионерот Иљаз Аџиу вели дека во клубот  имаат и Албанци, и Турци, Македонци, Бошњаци и Роми. Заедно комуницираат, се дружат, а за Бајрам и за Велигден си разменуваат подароци. Често прават и прошетки надвор од државата и посетуваат историски знаменитости.
Пензионерот Махир Дураку рече дека младите треба да учат од повозрасните, бидејќи дружењето кај возрасните генерации постоело и ќе постои.
- Сите треба да се ангажираме за целосноста на Македонија. Не може некој да се удира во гради и да каже дека е поголем Македонец од мене. Јас сум Албанец, но сум државјанин на Македонија. Каде и да одам, кога ќе дојдам тука се чувствувам послободен и полесно дишам, зашто сум дома - објасни пензионерот Дураку. Според него,  само младите не се виновни за, туку сите имаат дел од вината.
Не бадијала рекле слушајте ги постарите, има што да научите. Научете ја нивната лекција и застанете на истата страна.

Радмила Заревска

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3