Инфо  

Галерии

Исчезнува ли почитта кон постарите колеги кои се во пензија?!

18.4.2018

Дали спаѓате во групата постари луѓе, пензионери кои за време на работниот век сте се вградиле во работната организација посветувајќи и го целокупниот интелектуален и работен потенцијал? Чесно и вредно сте работеле со цел вашата организација да биде респектабилен фактор во општеството афирмирајќи ја истата во државата, но и државата надвор од нашите граници. Во името на тоа сте жртвувале многу труд, време, и радости кои сте можеле да ги споделите со семејството, блиските и пријателите. Сте пишувале закони, сте делеле правда, сте реализирале проекти од општесвен карактер, сте воспитувале и едуцирале генерации и генерации во најразлични области, сте граделе фабрики, школи, патишта.... И?!

Денес сте пензионери кои сте далеку од сето она што со децении сте го создавале, а сте заборавени! Зошто?! Заради некои нови генерации кои без да размислат бришат се’ пред себе, заборавјќи дека стануваат пример како еден ден некој друг ќе ги избрише нив! Забораваат дека се’ што се надградува има своја основа и темели на кои некој макотрпно работел и без што тие денес немаше да има што да развиваат и надградуваат. Забораваат дека искуството напластувано со години не е кај нив, туку кај оне пред нив.
Многу медицински проекти како што се трансплантација на органи, лечење со матични клетки и друго, немаше да бидат можни денес, ако некој пред нив не го изодил патот чекор по чекор.

Немаше денес многу нешта да им бидат достапни на телевизиските гледачи ако некој пред децении не го почнал Проектот телевизија во Македонија и тоа меѓу првите во некогашната заедничка држава СФРЈ, ако некој пред нив не обучил плејада новинари, не работел заедно со инжинери и техничари, не создал програми и дописни мрежи кои допреле до европските и светските информативни електронски медиуми...

Немаше денес никој да знае за многу нешта, ако некој пред нив не го собирал и негувал клтурното богатство на сите кои живеат во нашата држава. Така е но?!

Сите тие луѓе денес се заборавени, не им ги знаат ни имињата, ни делата. Не постојат. Исчезнала и  почитта и благодарноста за сето она што го дале. А некогаш не беше така. Постоеја средби, покани и почит. За одредени важни датуми поврзани со постигања и резултатите на одредени организации се поканува таквите луѓе пензионери и со нив се споделуваше и радоста и задоволството, им се покажуваше некаква почит за она што го оставиле.

Денес тоа го нема или го има само понекаде и тоа се покануваат вообичаено и најчесто некој близок или роднина на некој кој во таа организација успел на некој начин да вдоми некој свој!

Сегашните генерации, за жал, сметаат дека му се оддолжуваат некому, ако на крај од вестите му ја покажат фотографијата пропратена со две-три рченици. И толку. А другото?! Дека ова е така речиси насекаде, пример е дел од објавата на фејсбук на професорот д-р Денко Малески, неодамна објавена по повод смртта на неговата колешка професор д-р Поликсена Гавровска.
„Во овие пет години откако „не сум вработен” на Правниот факултет во Скопје, формулација која ја употребувам наместо зборот пензионирање, зашто пензионирањето, согласно словото на законот за високото образование, значи дека јас сум и натаму член на непостоечка академска заедница, мобилниот на кој се појавува зборот „ПРАВЕН”звони само во еден случај: кога ќе умре пензиониран професор.

Срамно е тоа лицемерие за некаква жалост и грижа во моментот на смртта, толку во контраст со рамнодушноста и негрижата во време на животот. Не зборувам за научни или наставни ангажмани преку кои, со искуството на пензионираните професори, би се подобрило знаењето на студентите.

За знаењето, имено, никогаш и не се зборувало. Зборувам за недостиг на елементарна пристојност.

Имено, до пред петнаесеттина години, постоеше обичај, на неколкуте прослави на Факултетот, какви што се 8 Март или Нова година, да се канат пензионираните професори. Но, кога за декан најдобриот ученик на најлошите меѓу нас, завладеа тотален егоизам: пензионираните веќе не постоеа. Приговорив на воведувањето на новата пракса, сеќавајќи се на една таква прослава која ја поминав во друштво на двајца пензионирани професори, Петар Манговски и Асен Групче. Кога, не долго после прославата, едниот од нив почина, подобро ја разбрав онаа американска поговорка која вели: „It is not over, until it is over!” („Не е готово, додека не биде готово”). Подобро ја разбрав и културата која го слави животот и не цимоли пред смртта.

Денес мобилниот повторно зазвони. На него пишуваше „ПРАВЕН”. Иако лошата вест бргу патува, „ПРАВЕН” е најбрз. Починала нашата колешка Поликсена Гавровска, нашата Поли, добар човек и професор. Ја покани ли „ПРАВЕН” на својата забава за 8 Март? Ни под разно, би рекла новата генерација ултраегоисти....“
Денко Малески, Универзитетски професор

Текстов не е жалба. Текстов не е барање. Текстов е констатација по кој пат одат овие генерации и дека исчезнува почитта кон постарите колеги  кои се во пензија, а кои се вградиле во она што тие го имаат денес! Колегите треба да се однесуваат со почит кон постарире луѓе, кон нивното знаење и искуство, кон нивниот работен придонес, за пензионерите и по пензионирањето да имаат желба да навраќаат во фирмите каде што го поминале поголемиот дел од животот, макар само еднаш во годината или по некој повод....

КСА

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3