Пензионерот Дончо Донев лауреат на награда „Гоце Делчев“ за 2018 година
14.5.2018
Дончо Донев, пензионер од ЗП Карпош, на 4 мај 2018 година ја доби државната награда со која се оддава општествено признание за особено значајно остварување во науката. Во Кристалната сала во Собранието на РМ, наградата „Гоце Делчев“ беше врачена на тројца добитници: на проф. д-р Дончо Донев за трудот „Првите 15 македонски доајени на Медицинскиот факултет“, на Славчо Ковилоски за „Прилеп и Прилепско во XIX век (културно-историски процеси)“, и на доц. д-р Енис Рафет Јакупи за „Архитектонски конструкции1“. Наградите ги врачи академик Владо Камбовски, кој зборуваше за големото значење на научните достигнувања, за реформите и за поголемо вложување во образованието и научно-истражувачката дејност, со инкорпорирање во европското подрачје на знаења, истражувања и научно технолошки развој. Во име на тројцата добитници пред еминентниот аудиториум се обрати проф. д-р Дончо Донев. Тој искажа благодарност на Одборот за доделување на наградата, и изнесе основни информации за содржината, специфичностите на истражувањето и изготвувањето, како и значењето на својата јубилејна монографија, издадена во март 2017 г. по повод 70 години од формирањето на МФ-Скопје.
-На 17 март 1947 г. е одржана првата седница на ННС и тој датум се смета како датум на формирање и почеток на академските активности на МФ-Ск. Монографијата ги опфаќа првите 15 македонски великани на медицината и основоположници на МФ-Скопје, кои дале суштински придонес за неговото основање и иницијален развој во периодот од 1947-60 и потоа, и ја искажува почитта и благодарност кон нив преку посебни биографии за секој од нив. Во Монографијата даден е осврт и на научно-истражувачката и публицистичката дејност на доајените, добиените награди и признанија, како и на сеќавањата и спомените на нивните современици, соработници и други. Првите 15 македонски доајени и основоположници на МФ-Скопје со својот живот, работа и дело, интелектуален и креативен потенцијал, оставиле траен белег во неговата историја и развој, како и во развојот на медицината и здравствената заштита во Македонија воопшто, во тешкиот период по ослободувањето и повоените години на обнова и изградба во сите сфери на општеството. Со монографијата е пополнета една важна празнина во стручно-научната литература во областа на историјата на медицината и здравствената култура во Македонија. На крајот на обраќањето Дончо ја парафразирше познатата мисла на Гоце Делчев од аспект на доајените-космополити и основоположници на МФ-Скопје: „Светот го познаваме единствено како поле за натпревар во чувањето и подобрувањето на здравствената состојба на народите.“
Илија Глигоров