Значајни постигања на весниците на Сојузот
Свечена седница по повод 10 години од излегувањето на весникот „Пензионер плус“ и оформувањето на веб-страницата на СЗПМ
2.7.2018
На 26 јуни 2018 година се одржа свечена седница на Комисијата за информирање на СЗПМ, Издавачкиот совет, Редакцискиот одбор, дописниците и соработниците на весникот „Пензионер плус“ и веб-страницата на СЗПМ, на кој присуствуваа Бесник Поцеста, претседател на Собранието на СЗПМ, Салтир Каровски, потпретседател и Станка Трајкова, секретар на ИО на СЗПМ, членови на ИО, претставници на НЛБ Банка, Шпаркасе банка, Нова Македонија и други. Седницата се одржа по повод 10 години од излегувањето на весникот и оформувањето на веб-страницата на Сојузот.
На Свечената седница на присутните им се обрати претседателот на СЗПМ Драги Аргировски, кој е и претседател на Издавачкиот совет на весникот и автор на Проектот на бесплатен весник за сегашните и идни пензионери, весник на Сојузот, „Пензионер плус“. Во своето обраќање до присутните тој истакна:
- На денешнатa свеченост по повод 10-годишнината од излегувањето на првиот број на „Пензионер плус“ како официјален весник на СЗПМ со гордост се потсетувамe на извонредните напори и ентузијазмот за создавање на овој весник за тогашните, сегашните и идните пензионери во нашата земја. Отсекогаш Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија како невладина мултиетничка асоцијација на информирањето гледаше како на важен елемент во животот на пензионерите, бидејќи ако нема точно и навремено информирање, изгледа како ништо да не се случува во оваа значајна масовна организација. Само добро нформираниот пензионер е добар за Сојузот, за здружението, за себе и за општеството.
Сеќавањето за создавањето на нов информативен весник никогаш не згаснува. Иако мина една деценија, како да беше вчера. Убав предвесник на создавањето на „Пензионер плус“ беше неколкугодишното успешно излегување на месечниот прилог„Пензионерски видици“ во ценетиот прв македонски дневен весник „Нова Македонија“ како мое заедничко дело со главниот уредник Александар Димковски.
Проектот што го изготвив за месечниот бесплатен весник „Пензионер плус“ беше целосно прифатен од тогашното раководство на СЗПМ претседателот Душко Шурбановски, потпретседателот Андон Марковски и секретарот Чедо Георгиевски, потоа и од Извршниот одбор на Сојузот, при што се назначија членови на првиот Издавачки совет и на Редакцијата, а беше утврдена и финансиската конструкција.Тоа беше вистинска најава за еден нов начин на информирање на пензионерите.
Во јули во топлото Господово лето 2008 година, излезе првиот број на „Пензионер плус“ со што се отвори нова страница во историјата на информирањето на пензионерите и јавноста за масовната пензионерска популација и со тоа поцелосно се разби постоечкиот во тоа време информативен мрак за оваа проблематика во Република Македонија.
Во првиот број не случајно се укажува дека весникот и веб-страницата се крупен исчекор во информирањето и дека СЗПМ со околу 250 000 членови има потреба од свој систем на информирање кој би требало да ги задоволи основните цели и задачи што се поставуваат во оваа област на база на вистинска и ефикасна информација.
Запазувањето токму на овие постулати и богатите сoдржини придонесоа во овие години да се оствари голем чекор напред во областа на информирањето на пензионерите на републичко ниво.
Првиот број на весникот беше со воодушевување примен од пензионерите и здруженијата, како и од јавноста, бидејќи бесплатно се делеше во аптеките на „Зегин“ и шалтерите на „Пошта“, како и во клубовите на пензионерите, иако имаше скептици дека новиот весник бргу ќе згасне. Меѓутоа од број во број „Пензионер плус“ станувше се поквалитетен, со голем број актуелни, интересни и нови информации што ги немаше во другите печатени медиуми. Започна да се остварува и мојата првична заложба тој да стане весник на вистинта. Постојано се зголемуваше и дописната мрежа, којашто стана и наш препознатлив знак. Во уредувачката политика предност за објавување имаа вистински и проверени информации.
Битен факт е податокот дека блгодарејќи на будните очи на главните уредници, сорабоници и на дописници со објективно новинарско набљудување во изминатите десет години на страниците на нашиот весник не е објавена ниту една лажна вест и шпекулација. Така сите заедно успеавме да одбележиме десетгодишен успешен јубилеј на еден многу читан и посакуван весник, за што сум ви многу благодарен.
Да се има свој весник, независен, самостоен, има големо значење и е крупно достигањe. Моите истражувања како основоположник на вистинското информирање во СЗПМ, за пензионерите и старите луѓе во земјата и пошироко во опкружувањето, покажуваат дека како резултат на влијанието на информирањето на сите нивоа, голем број пензионери во рамките на Сојузот и во здруженијата на пензионерите, од година на година с? повеќе се вклучуваат во програмските активности во општеството, во пензионерскиот аматерски спорт, во фолклорните ревии и друго,
Таа посакувана цел се посигнува само со добро, точно и навремено информирање. Со тоа се задоволува и правото на информираност на граѓаните за активностите на пензионерската популација, но и за поттикнување на разновидноста во мислењата и во идеите.
Информативниот весник на СЗПМ „Пензионер плус“ со своите содржини за сегашните и идните пензионери, денес се печати во 6 000 примероци и е еден од најчитаните весници во Република Македонија бидејќи го има и во електронско издание, а се доставува до сите 400 клубови на пензионерите во Македонија, каде што неделно престојуваат и другаруваат околу 150 000 пензионери и граѓани. Веќе една деценија со голем ентузијазам од сите нас успешно и квалитетно опстанува месечниот весник „Пензионер плус“ со 16, но и со 20 и 24 страници, зависно од потребите со тираж од 6 и 7 илјади примероци. Досега се објавени 119 броја со околу 2.000 страници, со безброј наслови, текстови и фотографии, вести, информации, осврти, анализи, белешки, колумни и репортажи.
Од 2011 година во „Пензионер плус“ се печати една страница и на албански јазик, а во весникот на албански јазик „Коха“ неколку години се објавува страница наменета за пензионерите.
За добро информирање и уредување на весникот создадена е квалитетна редакција, како и најбројна дописна мрежа за почит. Тоа значеше нов квалитет, многу повеќе написи од нашето секојдневје, за активностите и збиднувањата во здруженијата, за нивните седници, дружења, културни, спортски и хуманитарни активности, отворање клубови и друго. За сето тоа се пишуваше реално и со факти. А преку написите и фотографиите читателите можеа да се препознаат, да се видат активистите и да се верификува нивниот вистински придонес за подигање на квалитетот на активностите во нивната средина за нова подобра содржина во животот на пензионерите. А сето тоа интерактивно влијае позитивно на околината и се дава нов поттик за нови стремежи и постигања. Забележително место во весникот се дава на афирмирањето на активностите и ставовите на органите и телата на СЗПМ како непосреден интерес на пензионерите и јавноста. Значи весникот „Пензионер плус“ придонесува и за информирање на пошироката јавност со состојбите на оваа популација и за нивните потреби, како и за анимирање на надлежните органи на Државата за потребите на пензионерите, за заштита и унапредување на правата од пензиското и инвалидското осигурување, за здравствената проблематика, за зголемување на пензиите, за поттикнувањето на волонтерството, за зголемување на чувството на солидарност на помладата генерација кон нивните родители, баби и дедовци. Притоа се шири аксиомата дека мудроста и искуството се насобрани кај постарите, а силата е кај помладите и дека заедно постигнуваме повеќе.
Зборовите одлетуваат, а пишаното останува. Прелистувајќи ги досегашните броеви на весникот можат да се забележат повеќе информации и од меѓународната активност на Сојузот и здруженијата, за мултиетничкото дружење и соживот и друго. Посебен успех е постигнат со осумгодишно учество на истакнати автори и ансамбли од СЗПМ на престижниот Меѓународен фестивал за трета животна доба во Љубљана - Република Словенија. Многу написи има и за соработката со локалните самоуправи и државните органи, за отворање нови клубови на пензионери, за безброј успешни екскурзии и пикник-средби итн. Пишувано е и за проблеми од животот на оваа значајна популација, но со предлози за излезни решенија, за потребата од изградба на повеќе државни пензионерски и старски домови и слично.
Сите овие факти укажуваат за зголемениот рејтинг на „Пензионер плус“ и на СЗПМ. Значи, ширејќи ја вистината за пензионерската проблематика, за стремежот за достоинствен живот во третата доба создадовме весник со кој можеме да се гордееме. Да додадеме и тоа дека СЗПМ по повод 70-годишнината од постоењето го објави капиталното дело - монографијата „Постигања и активности за почит“ на македонски и албански јазик. Повеќе здруженија на пензионери објавија и свои монографии.
На крајот да нагласиме дека благодарејќи на соработката со весникот повеќе наши членови ги објавија своите први книги и се афирмираа како добри творци. Денеска имам чест и големо задоволство на главниот и одговорен уредник Калина Сливовска - Андонова да и го честитам штотуку објавениот нејзин прв роман „Татко“. И на неа и на сите вас ви посакувам исполнети творечки пензионерски денови и нови дела.
Нека ни е честит јубилејот на сите и да прославуваме уште многу постигнувања и јубилеи.
Потоа на присутните им се обрати и Калина С. Андонова, претседател на Комисијата за информирање на СЗПМ и главен и одговорен уредник на весникот „Пензионер плус“, која меѓу другото рече:
-Задоволството по повод овој јубилеј е уште поголемо, бидејќи „Пензионер плус“ опстојува толку години за разлика од многу весници кои не излегуваат повеќе.
Информирањето на членството и на пошироката јавност се одвива со засилено темпо и преку печатот и електронските медиуми, на национално и на локално ниво и преку нашата веб-страница.
Информатичката технологија и надоградување на информатичките знаења на дописниците е во подем. Во оваа насока има виден напредок, бидејќи речиси сите здруженија праќаат написи, вести и фотографии по електронска пошта. Ако се земе предвид дека возраста на дописниците е околу 70 до 75 години тоа е за секоја пофалба и восхит! На почетокот беше обратно. За еден број на весникот доаѓаат над 100 написи, што е заслуга на големата дописничка мрежа.
Што се однесува до веб-страницата на СЗПМ, таа во 2014 година доби нов изглед и содржина. Сега имаме и инфо и галерија на фотографии. И понатаму се поместува весникот „Пензионер плус“, но од почетокот на 2014 година постои архива на сите инфоновости и архива на сите изданија на весникот, од оваа година на веб-страницата поместени се и сите броеви на „Пензионерски видици“ од 2005 до денес. На веб-страницата објавени се и билтените за спорт и фолклорните ревии. Овде свои потстравници имаат веќе 33 здруженија што изнесува 62, 74 % од вкупниот број здруженија. Само 20 здруженија немаат своја потстраница. За помалите здруженија и не е за чудење, но големи здруженија да немаат своја потстраница мислам дека не е в ред и нема оправдување.
Кога сме кај веб-страницата, можеме да се пофалиме дека истата од ден на ден е с? попосетена. Во овие 10 години страницата најмногу ја посетуваат од Р Македонија 86,95%, а 19 % од Скопје. Што се однесува до другите држави на второ место е САД со 225 прегледи, потоа Србија, Германија, Франција, Канада, Русија, Бугарија, Индија и Кина. На 5 јуни нашата страница има посетител и од Колумбија. Највеќе н? посетуваат на десктоп, но има посети и на мобилен речиси исто толку (49, 41) што значи дека треба да имаме и таква апликација. Меѓу посетителите има владини и невладини организации, туристички работници, компјутерџии, социолози, спортисти, фолклористи, инструктори за здрава храна и други, од Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија во земјата, но и надвор од неа. Написи за нас и нашиот Сојуз повеќе пати беа објавени и во месечното издание Macedonia newspapers кое излегува во Канада, а се чита во САД, Австралија и Европа. Повеќе здруженија издадоа и сопствена монографии за своите резултати и постигања, а издаде и Сојузот, на која треба сите да сме горди.
Добро е, но секогаш може да биде и подобро!
Во дискусијата по повод јубилејот учествуваа: Бесник Поцеста, Мендо Димовски, Крсте Спасески, Гојко Ефтоски и Цвета Спасикова.
На крајот на сите присутни им беше поделен романот „Татко“.