|
Интервју со Станка Трајкова секретар на ИО на СЗПМ
Сите мои активности се во интерес на пензионерите
22.12.2018
- Како секретар на ИО на СЗПМ вие сте инволвирана речиси во сите активности на СЗПМ. Сепак на што сте во моментов најпосветена?
-Во моментов моето внимание е насочено во подготовка на конечниот текст на Предлогот на Законот за пензионерско организирање по кој се спроведе јавна расправа во здруженијата на пензионерите, членки на сите четири сојузи. По негово усвојување на седница на Извршниот одбор истиот ќе биде доставен до Министерството за труд и социјална политика на РМ, за натамошно негово процесирање. Во ова прилика ќе ги наведам основните причини за донесување на овој закон во интерес на пензионерското организирање.
- Основна интенција на Предлогот на Законот за пензионерско организирање како посебен закон e да се решат поинаку некои значајни прашања од пензионерското организирање и тоа:
- Формирање здружение на подрачје на општина за да може поедноставно и непосредно да се остваруваат активностите на возрасната пензионерска популација (социјални, солидарни, спортски, културни, здравствени, инклузивни, хуманитарни и друг вид активности);
- Потоа, да може да се обезбеди правилно и точно дозначување на средствата на име членарина до здруженијата заради исполнување на законските обврски од членот 116 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, бидејќи евиденцијата за корисници на пензија од ФПИОМ се води на ниво на општина;
- Утврдување на 3 вида здруженија заради обезбедување на принципот на доброволност и слободно движење на пензионерите, а условите за формирање здруженија е содржано во членот 7 во ЗПО во кое е утврдено дека здружение може да се формира на подрачје на општина доколку има членови повеќе од половина од вкупниот број пензионери во општината. Ваква посебна односно специјална одредба наспроти Законот за здруженија и фондации е предвидена заради фактот што во ЗЗФ е утврдено дека само 5 граѓани може да формираат здружение. Решението во ЗПО спречува формирање паралелни здруженија во една општина кои ќе бидат слаби економски субјекти во остварување на активностите во интерес на пензионерите. На тој начин се заштитуваат постојните здруженија, бидејќи овој период до СЗПМ имаше повеќе барања на регистрирани здруженија за прием во СЗПМ и за доделување средства од членарината кои поради разни причини се одбиени, а со тоа и натаму средствата ги примаат нашите членки. Во овој контекст се дава и образложение дека овој закон се однесува и на другите сојузи односно здруженија опфаќајќи го целокупното пензионерско организирање.
- Предлагање на ваков закон од СЗПМ како репрезентативен Сојуз во пензионерското организирање е во насока на поведување иницијативи и давање предлози во креирање на јавното мислење во политиките кои се однесуваат на пензионерите. Само така може Сојузот покрај своите активности да биде и општествено корисен чинител во функционирањето на пензионерското организирање.
- Исто така, со овој Предлог на ЗПО се решаваат и низа други прашања: рационализација на сојузите, по правна основа да не се формираат професионални здруженија, евентуален недостиг на средства за исплата на посмртната помош да се обезбедува од Буџетот на РМ, статусот на пензионерски домови во случај престанок на здружението, статусот на регистрираната организација за солидарен фонд и членарина, подигање на степен на закон на одделни досегашни статутарни решенија, општа правна рамка во организационата поставеност, создавање на правна основа доколку одделни здруженија го тужат Сојузот во однос на дозначената членарина со предлагање на законска одредба здруженијата на пензионерите да ги надоместат сите средства во случај на изгубен судски спор.
- На крајот би завршила со тоа дека новите решенија подготвени по прифаќањето на забелешките на здруженијата видно укажуваат на тоа дека не се нарушува автономијата на здруженијата на пензионерите и тоа е експлицитно утврдено во членот 4 каде што е утврдено дека со здружување во Сојузот здруженијата не го губат својството на правно лице и својата автономија со заемно почитување и спроведување на својот статут и статутот на сојузот. Сомнежот дека Сојузот се меша во кадровата политика и во материјално-финансиското работење во здруженијата, се прашања сосема надминати со дадените решенија во членот 9 каде што е утврдено дека Сојузот само ја следи кадровата политика во здруженијата и дава соодветни препораки без да се меша во автономијата на здруженијата. Во досегашната практика тоа се препораки кои се даваат пред изборите во насока да се внимава на родовата застапеност во органите, членовите што се бираат да бидат стручни и компетентни лица кои имаат углед во својата средина, без конкретно наметнување на мислење кои лица ќе бидат носители на одговорните функции во здруженијата на пензионерите. Доколку некој од избраните лица од Сојузот директно се мешаат и вршат влијание за избор на одреден претседател на некое здружение на пензионери или заземаат улога на претседател на кадровска комисија и притоа се активира освен во својот и други разграноци во насока на агитација е работа која повлекува соодветни консеквенции.
- Се приближува крајот на 2018 година. На што уште работите во моментов?
-Моја омилена задача секоја година е Програмата на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија. Програмата е значаен документ за Сојузот и во неа се опфаќаат задачи кои произлегуваат од целите утврдени во Статутот на Сојузот. За оваа година има задачи кои постојано се во фокусот на Сојузот, а тоа е заштита на стекнатите права од пензиското и инвалидското осигурување, редовна исплата и усогласување на пензиите заради одржување на нивната реална вредност и здравствената заштита како важна област за пензионерите. Програмата и понатаму ќе ги поддржува и развива спортските и културните активности со подобрување на нивната правна рамка. За двете традиционални активности кои завршуваат со републички ревии и спортски игри може да се даде можност за евентуално одржување на истите во два региони од нашата држава, но со претходно подготвен проект односно мислење дадено од здруженијата на пензионерите. Во новата Програма се дава нова димензија на социјално-хуманитарната дејност. Нема да изостанат зголемени инклузивни активности во соработка со сите граѓански организации чија дејност е заштита на старите лица. Идната 2019 година ќе биде искористена за соработка со Министерството за труд и социјална политика со организирање на промоција и информирање на социјалната пензија која со години наназад беше програмска задача на СЗПМ. Исто така, со МТСП на РМ интензивно ќе се соработува на спречување на семејното насилство, промовирање на волонтерството и натамошна здравствена едукација на пензионерите.
Во Програмата за 2019 година, значајно место ќе има и коригирање на правната рамка за поддршка на издавачката дејност на пензионерите, како и во однос на утврдување на мерилата и критериумите во давање материјална поддршка на здруженијата за активности од секаков вид, а кои се од интерес на пензионерите.
Со Програмата ќе се поттикнуваат сите аспекти кои се однесуваат на клубовите на пензионерите бидејќи има шареноликост во нивното функционирање, а нема да остане надвор од фокусот и темата за пензионерските и старските домови. Тоа ќе бидат програмски задачи за кои ќе се дебатира и на состаноци со раководителите на здруженијата.
Несомнено е дека ќе се направи анализа на целокупното информирање што се остварува во СЗПМ, а посебни усилби ќе се направат да се оствари емисијата на МТВ насловена како „Трета доба“, како и емисии за пензионерите и на сите други РА и ТВ на локално и национално ниво.
Во досегашната практика ИО и Собранието на СЗПМ ја донесувале Програмата за работа пред крајот на мандатот, но бидејќи таа е од отворен карактер новиот состав на органите може да ја менува и дополнува.
- Вие сте и потпретседател на Советот за социјална сигурност кој работи во рамките на Министерството за труд и социјална политика. Кажете ни нешто за вашиот ангажман во Советот.
-Советот за социјална сигурност е тело кое функционира во Министерството за труд и социјална политика, а во надлежност има унапредување на социјалната положба, интеграција и подобрување на материјалниот статус на корисниците на пензија. Во Советот членуваат три члена од Сојузот меѓу кои и јас и оваа работа ја извршуваме на волонтерска основа. Последниве две години Советот остварува интензивна активност. На седници главно е присутна и министерската за труд и социјална политика Мила Царовска. На првата седница министерката од нас побара да доставиме проекти за подобрување на стандардот на пензионерите од нашата држава. Од наша страна беа предложени десет проекти и тоа: на работници идни пензионери кои се 2-3 години пред пензија ФПИОМ по службена должност да им ги утврди податоците за стаж и плата како побрзо би добиле решение за пензија; активирање на неискористениот простор во општите болници за геронтолошки одделенија; зголемување на лекови на позитивната листа и снабденост на аптеките со лекови во текот на целиот месец; ослободување од партиципација на пензионерите за болничко лекување и истовремено работење на теренски доктор и подвижна аптека во руралните средини; зголемена контрола над работата на приватните пензиски домови и изградба на државни домови каде што цената ќе одговара на висината на македонските пензии и друго. Скоро сите проекти беа прифатени освен оние каде што требаше да се направи промена на правната рамка и да се направи анализа какви ќе бидат финансиските трошоци. Некои од проектите веќе се остварени: целосно ослободување на пензионерите од болничка партиципација, изградба на геронтолошки одделенија во општите болници, унапредување на работата во пензионерските домови со кои управува ФПИОМ и друго. На следната седница предмет за работа ќе бидат прашањата од здравството и презентација на социјалната пензија. Лично давам силна позитивна поддршка и активно учествувам во работењето на овој Совет и тоа го пренесувам во СЗПМ во социјално-хуманитарната дејност во Сојузот, а со тоа и во здруженијата. Затоа, среќна околност за пензионерите е што постои такво тело каде што исклучително се работи на прашања значајни за пензионерската популација. На седниците понекогаш присуствува и министерот за здравство и заедно со министерката активно учествуваат во работата на Советот.
- Во 2019 година ќе има нови избори во здруженијата и Сојузот. Според вас застапени ли се доволно жените?
-Општо би рекла дека рамноправноста меѓу половите е една од темелните вредности на Уставот на РМ кое се базира на целосно признавање и промовирање на еднаквите можности на жените и мажите. Врз основа на оваа Уставна определба и во Законот за еднакви можности на мажите и жените е правна рамка која дава еднаков нивен третман во сферите во нашето општество. Нееднаквото учество постои кога застапеноста на кој било од половите е помало од 40%. Заради постигнување на оваа цел донесен е и Национален план за акција за постигнување еднакви можности на мажите и жените. Тој претставува базичен документ и е симбиоза на сите најразновидни мерки во насока на воспоставување на принципот на еднакви можности. Според изложеното стои фактот дека ако постојат здруженија кои се борат за еднакви можности на мажите и жените тогаш тоа прашање е многу важно и за пензионерските здруженија и Сојузот.
Пред извесно време во СЗПМ пред претседателите од здруженијата членки на Сојузот се презентираше Анализата за функционирање на домовите и становите на пензионерите во РМ и на самото отворање на презентацијата директорката на Центарот за управување со промени којашто ја подготвила оваа студија Неда Малеска-Сачмароска, спонтано се обрати до присутните прашувајќи ги зошто меѓу нив нема жени. Настана молк. Еве го одговорот на вашето прашање: од 53 здруженија на пензионери само три претседатели се жени, време е во ЗП и Сојузот одговорни функции да се доверуваат и на жените.
- Покрај тоа што сте општествено ангажирана во СЗПМ имате ли време и за семејството и за себе?
-Целото мое слободно време го посветувам на семејството, на мојот сопруг, на моите две ќерки и шест внуци! Секој успех на моите внуци неизмерно ме исполнува. Ме прави среќна нивната убаво нацртана слика, успешно изведена композиција од Бах и извонредниот Шопен, секоја нивна насмевка. Но, тука се згодите и незгодите како што е скриена послаба оценка од родителите, или нивна забелешка дека јас не знам убаво да цртам ама знам да правам убави кифли, лазањи и сарми.
Што се однесува до мене лично сакам да шетам, да слушам музика, да одам на кафе со пријателките. Да си пензионер не е хендикеп туку радост и време кога го сумирате сето она што сме го постигнале и го правиме она што ви било недостижно, она што го сакате, она што ве исполнува и ве прави среќна.
Разговорот го водеше Калина С. Андонова
|
|