Инфо  

Галерии

ЗП Солидарност-Аеродром

Потпишан Меморандум за соработка со Општината Аеродром

18.2.2019

Во просториите на Здружението на пензионерите „Солидарност-Аеродром“ Скопје, претседателот Димитрија Богатиноски и градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин на 6.2.2019 година, потпишаа Меморандум за соработка. Меморандумот е израз на взаемно усогласени ставови и согласност за меѓусебна соработка, помош и поддршка за прашања кои се во надлежност на двете стани потписнички. На свечениот чин на потпишувањето присуствуваа претседателот на Советот на Општина Аеродром, г-ѓа Ивана Цветковска, претседателот на Собранието на ЗП „Солидарност-Аеродром“, Тодор Тодоровски, претседателот на СЗПМ, Драги Аргировски, претседателот на Надзорниот одбор, Зоран Тефчев, членовите на Извршниот одбор на ЗП „Солидарност-Аеродром“, претседателите на секциите и други.

На почетокот, претседателот Богатиноски ги поздрави присутните, искажувајќи  големо задоволство и чест за овој чин по кој ќе се унапреди меѓусебната соработка, помош и поддршка. Тој зборуваше за организациската структура, за органите и телата, за просторните капацитети и за активностите, успесите и потребите на Здружението. Градоначалникот Марин ја квалификува како многу значајна оваа иницијатива и искажа задоволство за тоа што со овој официјален документ се зацврстува соработката и грижата на локалната самоуправа за своето повозрасно население. Претседателот Аргировски искажа честитки за потпишувањето на овој документ кој произлегува од Меморандумот помеѓу ЗЕЛС и СЗПМ, кaкo и од други документи кои се однесуваат на грижата на локалната самоуправа за возрасното население во Општина Аеродром кое го има околу 12.100 и кое со своето искуство позитивно придонесува за решавање на многу прашања во опкружувањето. И претседателот Тодоровски искажа честитки за потпишувањето на Меморандумот со кој ќе се унапредат меѓусебните односи за решавање на потребите на населението и даде идеја локалната самоуправа да посредува за остварување соработка со слични здруженија во општините со кои е збратимена Општина Аеродром.

Страните потписнички на овој Меморандум се согласија во рамки на своите можности да ги преземат сите потребни мерки и активности заради постигнување на следните цели: подобрување на условите за живот на пензионерите, нивно вклучување во општествениот и културниот живот; обезбедување на вклученост на Здружението на пензионери како граѓанска организација, во делот на идентификација на проблемите и заеднички пристап во нивното решавање; натамошен развој и подигнување на соработката на двете договорни страни; подобрување на условите за тековно функционирање на Здружението; обезбедување на континуирана и редовна форма на информирање на членовите на Здружението за прашања и настани од значење за подобрување на културно-забавниот и социјалниот живот на пензионерите и друго.

Илија Глигоров

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3