Инфо  

Галерии

Интервју со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска

Пензиите продолжуваат да растат и навремено да се исплаќаат

19.2.2019

Почитувана министерке Царовска, Министерството со кое раководите Вие пензионерите го чувствуваат како Министерство кое е најважно за нив. Од таа причина разговорот со Вас има особено значење за пензионерите. Ве молам најнапред кажете ги Вашите планови кои имаат допирни точки со оваа најмасовна популација во државата.

- Ние сме социјална држава којашто подеднакво се грижи за сите граѓани и тоа е дефинирано во Уставот. Нам како Министерство за труд и социјална политика и како Влада од суштинско значење ни е унапредувањето на социјалната сигурност и пристапот до социјалните и другите права загарантирани во Законот. Во таа насока минатата година изготвивме низа законски измени и реформи меѓу кои и пензиската реформа, којашто почна да се имплементира од почетокот на годината. Она што сакам да го потенцирам, а што е особено важно за вас пензионерите, е дека со оваа реформа не ги замрзнавме пензиите, туку тие продолжуваат да растат и навремено да се исплаќаат. За разлика од поранешната власт којашто правеше ад хок усогласувања на пензиите надвор од законската рамка, сега со Закон утврдуваме дека усогласувањата ќе се прават согласно со законската регулатива и тоа двапати годишно и процентно согласно со растот на трошоците на живот. Исто така, воведена е законска одредба за усогласување на пензиите од 1 април, доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст повеќе од 4%. Доказ дека пензиите растат и ќе продолжат да растат, се статистичките параметри. Просечната пензија во 2016 година изнесуваше 13.754 денари, во 2017 година 13.954 денари, а во 2018 година 14.421 денар. Согласно со стратешките активности во 2019 година, Министерството за труд и социјална политика исто така продолжува со реализација на активностите за унапредување на културните, спортските и хуманитарните потреби на пензионерите.

Низ кои се форми и начини ги решава Министерството за труд и социјална политика прашањата и проблемите поврзани со пензионерите, односно со највозрасните граѓани во РМ?

- Од кога сум на чело на Министерството, се трудам да бидам во постојан контакт со сите организации, здруженија, со самите граѓани. Секој момент го користам да разговарам со граѓаните, вклучувајќи ги и пензионерите, за да ги слушнам проблемите, забелешките, препораките, но и пофалбите за сработеното. Конкретно со пензионерите имам многу честа соработка. Освен средбите со поединци во постојан контакт сме и со Советот за социјална сигурност, тело коешто е формирано за да се заштитат и промовираат социјалните права и интереси на корисниците на пензија. Преку ова тело коешто е формален начин на постапување, се разгледуваат прашања од повеќе области, кои се од интерес на корисниците на пензија. Во фокусот на грижата за старите лица се обезбедување соодветна социјална заштита како што се средствата за живот, соодветно домување; обезбедување вонинституционални облици на заштита на старите лица (клубови за дневен престој, сместување во друго семејство и сервиси за помош на старите лица во домашни услови); обезбедување поддршка и помош од семејството, соседите, пријателите, невладините здруженија, како и основна помош од државата. Потребно е старите лица да водат живот во којшто ќе бидат целосно ангажирани нивните потенцијали, живот во којшто ќе ја добијат потребната поддршка од семејството, соседите, пријателите, владините и невладините институции, а пред с?, одговорноста за нивната заштита примарно да се грижи државата.

 Постои “Национална стратегија за стари лица 2010 - 2020 година“ во која се поместени и активностите на СЗПМ. Дали сте задоволни од резултатите кои ги дава оваа стратегија?

- Во функција на успешно спроведување на Националната стратегија за стари лица 2010 - 2020 година, со одлука Владата формираше Национално координативно тело за имплементација на оваа стратегија. Дел од координативното тело се владини претставници и граѓански организации коишто работат на заштита на старите лица. Во координативното тело со свој член е застапен и Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија. Преку овој механизам е овозможен еден координиран и мултисекторски пристап кон прашањата коишто го засегаат секојдневното живеење на старите лица и преку кој се придонесе за реализација на мерки и предлог - решенија кои го подобруваат и олеснуваат секојдневното живеење на старите лица. Во иднина секако дека може и подобро, пред с? преку подобрување на системот за планирање на идните мерки, но најповеќе во зајакнување на следењето на спроведувањето на планираните активности, со што ќе се зголеми и реализацијата на мерките кои ќе бидат заеднички договорени.

Во рамките на Министерството постои Совет за социјална сигурност на старите луѓе во кој со свои претставници партиципира и СЗПМ. Кои резултати ги дава ова тело, како и нашето учество во него?

- Минатата година одржани се неколку седници на Советот за социјална сигурност. На овие седници меѓу другото беа предложени и дискутирани повеќе предлог-проекти од областа на здравствената заштита од коишто за дел веќе е иницирана интерсекторска соработка. Се разговараше за тоа како да се пренамени неискористениот простор на општите болници во геронтолошките одделенија, во врска со зголемувањето на износот на ослободување од партиципација за здравствени услуги за корисници на пензија, за воведување нови пакети лекови и терапија за хронично болните пациенти и обезбедување теренски доктори во руралните средини и подвижни аптеки. Исто така, се изврши презентација на Анализата на функционирањето на домовите и становите за живеење на пензионери во Република Македонија, изготвена од страна на Центарот за управување со промени (ЦУП) по барање на Министерството за труд и социјална политика, а поддржано од Проектот на Светска банка. Со цел да се запознаат и останатите членови на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија со Физибилити студијата, истата презентација се одржа и во Сојузот. Притоа беа презентирани предложените модели за уредување, управување и одржување на пензионерските домови како и ЅWОТ анализа од имплементација на истите. Исто така, на седница на Советот за социјална политика беше разгледана и новата пензиска реформа којашто е на сила од почетокот на годината.

Неодамна беше воведена социјална пензија за стари луѓе кои немаат други примања. Според СЗПМ тоа е добар потег за кој своевремено се залагаше и СЗПМ. Ја покачивте и социјалната помош, но голем број пензионери сметаат дека се нарушени односите во однос на оние кои работеле 40 години и сега социјалната помош се приближува до најнискиот износ на пензиските примања. Дали е тоа спојливо со поставеноста на македонскиот пензиски систем? Постои ли можност за какво било коригирање?

- Она што би сакала да го потенцирам е дека социјалната пензија и загарантираниот минимален приход се уредуваат со социјалната реформа којашто во моментот е во собраниска процедура. Очекувам овој пакет закони пратениците да го изгласаат со консензус. Исто така, сметам дека во ниту еден сегмент овие надоместоци не се поврзани со пензиите. Станува збор за социјални права и додатоци кои нема да бидат на товар на ПИОМ, туку ќе се исплаќаат директно од системот за социјална заштита. Лично, но и како министерка којашто го води овој сектор, сметам дека тврдењата за порамнувања за социјалната помош со минималната пензија се неосновани, бидејќи зголемената социјална помош со детските додатоци ќе се исплаќа по семејство и се однесува на три до четири лица, а минималната пензија ја добива само едно лице. Што се однесува до воведувањето на социјалната пензија, сметам дека одредена група граѓани коишто не се стекнале со право на пензија, заслужуваат достоинствена старост бидејќи во минатото го дале својот придонес во градењето на општеството.

Во нашата држава населението старее. Тоа се случува и во Европа и во светот. Што презема Министерството во таа насока? Ќе се градат ли нови капацитети за социјално домување на старите луѓе? Ќе предложите ли повеќе мерки освен оние за унапредување на работата на пензионерските домови со кои стопанисува ФПИОМ?

- Покрај усогласување на пензиите значајно прашање за пензионерскиот стандард се и условите за домување во пензионерските домови. Лани со поддршка на Светска банка изготвена е студија за функционирање на пензионерските домови која- што даде јасна слика за сегашната состојба на домовите. Оваа студија содржи јасни препораки за подобрување на пензионерските домови. Освен што треба да се подобрат условите за домување, истовремено треба да се воведе систем на управување со домовите, но и надзор и намалување на финансиските трошоци за истите. Оттука произлегуваат и решенијата кои ќе треба да ги преземеме како Влада за подобрување на условите за живеење на најранливата категорија на пензионери (тие со најниски пензии и без приходи за живот). Според препораките од анализата решенијата за идното функционирање на пензионерските домови ќе биде во насока на изготвување законска регулатива за управување со пензионерските домови, како и утврдување цена на живеење. Фондот на ПИОМ управува со 15 пензионерски домови, од кои 4 се во Скопје и во некои од нив веќе се обновени вратите и прозорците, кровната конструкција и подовите, и обезбедени се нови грејни тела. Се уште на фаза на дефинирање е начинот на управување со овие домови. Треба да се дефинираат процедурите за одржување на истите во случај кога ќе настане некој технички проблем, да се определат јасни критериуми за формирање цена на сместување, како и систем на мониторинг на лица кои живеат во домовите. Верувам дека овие отворени прашања ќе ги решаваме во текот на оваа година. Исто така, утврдивме потреба за дополнителни сместувачки капацитети, особено во Градот Скопје и Министерството за труд и социјална политика започна активности за адаптација на објект, кој во минатото беше користен за згрижување на деца. Овој објект во иднина ќе функционира како установа за згрижување стари лица. По обезбедувањето на целокупната документација во втората половина на 2019 година, ќе се распише повик за јавна набавка за реконструкција и адаптација на објектот кој ќе биде со капацитет за сместување на околу 100 стари лица. Во Општина Берово, постојниот јавен дом за згрижување стари лица, кон крајот на 2018 година ги прошири своите капацитети за дополнителни 12 легла и сега има вкупно 27 легла, а веќе е во план и трета фаза за проширување во 2019 година, со што ќе се обезбедат дополнителни сместувачки капацитети за источниот регион на земјата. Работиме и на воведување на нова услуга “помош во домот“. Оваа услуга е предвидена со новиот Предлог-закон за социјална заштита којшто е во собраниска процедура. Услугата ќе треба да обезбеди поддршка на старите лица во домашни услови и поддршка за живот во местото на живеење. Во соработка со Министерството за здравство веќе се започнати разговори за воспоставување одржлив систем за долготрајна нега во државата, што ќе значи проширување на капацитетите за палијативна грижа, проширување на капацитетите за згрижување, но и планирани се мерки за зајакнување на системите за домашна посета и воведување интегрирани здравствено-социјални сервиси кои ќе овозможат подобар живот и нега на старите лица во нивното место на живеење.

Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија Ви достави Предлог-закон за пензионерско организирање. Ве молам да не информирате до каде се активностите по таа наша иницијатива? Според Вас има ли шанса да не израдувате со донесување на овој закон кој популацијата од над 320.000 со свои специфичности, несомнено го заслужува и ќе биде во интерес како за пензионерските здруженија така и за општеството во целина?

- На почетокот на 2019 година одржав средба со претставници од Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија по однос на предлагачите на Предлог-законот за пензионерско организирање. Во наредниот период стручните служби на Министерството за труд и социјална политика и Сојузот ќе продолжат да ги разгледуваат детално предложените решенија во овој Предлог-закон.

Почитувана министерке, кажете ни за соработката на Министерството со СЗПМ и како гледате на нашите активности и нашата партиципација во општеството на сите нивоа?

- За оваа Влада соработката со невладиниот сектор изминатава година беше еден од приоритетите бидејќи секогаш може да се слушнат добри идеи коишто се во функција на подобрување на целокупниот амбиент во државава. Во таа насока, јас како министер за труд и социјална политика, изминатава година остварив низа средби со невладините организации коишто се од сферата на социјалната заштита, од сферата на трудот и се разбира тука неминовни беа и средбите со сојузите на пензионерите бидејќи имавме неколку проекти за коишто сакавме да го слушнеме и Вашето мислење и се разбира не само да ја добиеме Вашата поддршка за нивна реализација туку побаравме и активно вклучување во нивната реализација. Она што сакам да им го порачам на сите пензионери е дека и натаму оваа Влада и јас како ресорен министер секогаш ќе бидеме на Вашата страна и ќе се обидуваме да ги решаваме Вашите помали или поголеми проблеми. На Вас останува да ни останете во добро здравје и да уживате во вашите пензионерски денови.

Разговорот го водеше Калина Сливовска - Андонова

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3