Меѓународна активност на СЗПМ
Потпишан Меморандум за соработка со Сојузот на пензионерите од Република Косово
4.3.2019
Делегација на Сојузот на здруженијата на пензионерите и инвалиди на трудот на Република Косово на 28 февруари 2019 година оствари официјална посета на Сојузот на зруженија на пензионери на Македонија. Во делегацијата на Сојузот од Косово беше претседателот Шабан Кајтази, секретарот Хасан Бериша и претседателката на Активот на жени-пензионерки на Приштина, Сувела Касими. Делегацијата ја прими претседателот на СЗПМ Драги Аргировски заедно со Бесник Поцеста, претседател на Собранието на Сојузот, Салтир Каровски, потпретседател на Извршниот одбор и Станка Трајкова секретар на Извршниот одбор на СЗПМ. Притоа претседателите на двата сојуза во просториите на СЗПМ официјално потпишаа меморандум за соработка што беше срдечно поздравено од од сите присутни на средбата.
Истовремено беа разменети Монографии на двата сојуза и други материјали за подобро меѓусебно запознавање. На средбата беше истакнато дека меѓународната соработка на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија е значајна програмска активност за остварување на целите за унапредување на достоинственото живеење на пензионерите. Соработката на здруженијата на пензионери од двете држави се одвива повеќе години со заемна комуникација, посети и другарувања. Со потпишувањето на Меморандумот се очекува соработката меѓу сојузите и здруженијата да се интензивира.
За време на посетата во СЗПМ се водеа разговори за организациските, програмските и финансиските прашања во двата сојуза. Гостите истакнаа дека во Сојузот на пензионери и инвалиди на трудот во Косово од вкупно 165.000 само 61.000 се старосни пензионери и дека пензиите зависно од образованието на пензионерот се движат од 180 до 265 евра, во категории според ниво на образование. За сите пензионери и инвалиди на трудот членарината е две евра. На крајот гостите упатија покана за возвратна посета во Приштина за утврдување на нови конкретни активности.
М-р Илија Глигоров