Инфо  

Галерии

По 73 години постоење на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, за првпат избрана жена за претседател на Сојузот

9.6.2019

Откако Станка Трајкова беше предложена од Кандидационата комисија за претседател на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија и воедно за претседател на Извршниот одбор на Сојузот, таа пред членовите на новоизбраното Собрание ја изложи својата Програма и рече:

- Почитувани членови, заради значењето на функцијата претседател на  Извршниот одбор на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, а истовремено и претседател на Сојузот, сметам дека треба пред вас, членовите на Собранието, да поднесам и да презентирам Програма на активности кои ќе бидат во фокусот на моето работење како претседател на  Сојузот, за мандатниот период 2019 - 2023 година.

Историски гледано Сојузот како организација постои повеќе од 73 години и е една од најмасовните граѓански асоцијации со статутарен атрибут на невладина, непартиска и мултиетничка организација на пензиoнерите, самостоен во организирањето  и остварувањето на целите, интересите и дејностите на здруженијaта на пензиoнерите во Македонија - членки на Сојузот. Во својот историски развој Сојузот има промени во организационата поставеност,  но тој  континуирано ги обединува и ги презентира интересите и правата на сите корисници на пензија на ниво на нашата земја. Здруженијата на пензионерите доброволно се здружуваат во Сојуз конституирајќи ги органите од нивните делегати учествувајќи во нивната работа и на тој начин остварувајќи ги најнепосредно интересите на корисниците на пензија, членови на здруженијата, со основна премиса на самостојно дејствување на здруженијата. Денес, Сојузот има 53 членки - здруженија на пензионери во кои членуваат 258 000 пензионери и е респектибилен субјект кога станува збор за пензионерското организирање. За да се задржи и понатаму значењето и улогата на СЗПМ како репрезентативен Сојуз, во мандатниот период 2019 - 2023 година, ќе се задржам на најбитните  активности кои ќе бидат значајни во извршување на мојата функција, претседател на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.

Прво,  моја најзначајна  заложба ќе биде обезбедување редовна исплата на пензиите и нивно усогласување согласно со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, што подразбира редовно тековно и дополнително усогласување.  За првата година  од мојот мандат (2019 г.) со  Буџетот на РМ за 2019 година како социјални трансфери  проектирани  се 56,4 милијарди денари наменети за исплата на пензиите. За да бидеме спокојни со цел стабилизирање на пензискиот систем имаме зголемување на стапката на придонесот за ПИО за 0,4% процентни поени. За наредните години будно ќе го следам и спроведувањето на сегашните реформи  преточени  во законски решенија со кои се решава нееднаквоста на пензиите на сегашните и идните пензионери и решавање на  проблемот со нерамномерната распределба на осигурениците во двостолбниот пензиски систем, реформи  кои треба да обезбедат финансиска стабилност на ФПИОМ на долг рок.

Второ, ќе се ангажирам за изградба на државни  старски и пензионерски домови со цени на сместување  кои ќе одговараат на висината на македонските пензии. Крајно време е во овој мандатен период да престане инертноста на надлежните за решавање на прашањето на социјално домување на пензионерите. Преку Советот за социјална сигурност за стари лица ни велат дека ќе се градат старски државни домови, но треба да се има предвид фактот дека  такви објекти постојат и тоа изградени со средства на пензионерите само треба да се реновираат и адаптираат  за социјално домување на пензионерите. Во мојот мандатен период  ќе ги  искористам и креативните предлози на наши активисти  за решавање на овој проблем, како  и искуството на земјите од нашето опкружување. Нема да ги заобиколам и приватните домови во кои ќе барам од надлежното министерство да врши  зголемена контрола во нивното работење.

Трето,  здравственото осигурување и здравствената заштита ќе значат мое натамошно ангажирање за ослободување на пензионерите од сите видови партиципација. Сведоци сме дека од 1 јануари 2019 година од партиципација за болничко лекување се ослободени сите пензионери чија пензија е до 14.500,00 денари и тоа верувајте како резултат на  континуирано барање од  претставниците на СЗПМ во Советот за социјална сигурност на стари лица, тој лимит да се покачи. Следниот фокус во мојот мандат ќе биде барање за целосно ослободување од секаков вид партиципација на старите лица над 65 години, право кое порано го имале пензионерите. За оваа цел ќе биде направена компаративна анализа како ова прашање е решено во другите земји имајќи го предвид фактот дека согласно со Уставот, нашата земја е социјална држава. Тогаш нема да се жалат пензионерите дека најголем дел од нивната пензија оди за купување лекови, бидејќи  во нашата држава има над 73 000 корисници на најнизок износ на пензија. Здравствената заштита е моја омилена тема бидејќи со добра здравствена заштита ќе имаме спокојна трета доба и затоа ќе ме радува и околноста ако се успее тоа да се подобри и во руралните средини, да се обезбедат  уште геријатриски одделенија во општите болници за сместување стари лица, кои во моментов недостасуваат. Ќе се потрудам тоа да го сторам како претседател на СЗПМ, а  истовремено ќе се залагам за подостоинствен однос кон старите лица во секој поглед.

Четврто,  во мандатниот период силно ќе го поддржувам секое здружение кое ќе го развива Волонтерството - проект кој ќе можете да го адаптирате на ваши услови и на вашиот начин на работење, Пензионерската социјална карта, проектот Инклузија и други. Сите овие проекти се доставени до здруженијата само треба да се извадат од фиока и да видат светлина. Тие се проекти на денешното време и се надевам дека ќе бидат во фокусот на здруженијата. Соработката со локалната самоуправа ќе биде моја значајна точка во работењето. Најнапред со обновување на меморандумот со ЗЕЛС и во тој контекст ќе се обидам да го решам прашањето на автобускиот превоз на пензионерите од внатрешноста кога доаѓаат во Скопје, потоа соработка и едукација на здруженијата во подготовка на апликациите како да ги користат грантовите кои ги доделува општината и друго.

Петто,  според Законот за ПИОМ, Регистрираната организација за солидарен фонд и членарина е организација која преку надлежниот одбор во кој членуваат претставници на сите сојузи има значајни надлежности како што е определување на висината на членарината, висината на дел од пензијата за посмртна помош, висината на самата посмртна помош, условите под кои се остварува посмртната помош и на условите и начинот на распределба на членарината за која СЗПМ ја извршува административно-техничката работа. Интересот за  работата на  Регистрираната организација  е голем кај здруженијата бидејќи последна дата на ажурирани податоци за членството на здруженијата се доставени за 2015 година, а сега сме 2019 година. Тоа знaчи дека јас со  целиот мој капацитет во соработка со ФПИОМ ќе направам  с?  Фондот да ни доставува ажурирани податоци кои вие постојано ги побарувате, што не беше случај во последните 3-4 години. Исто така,  ќе се ангажирам  Регистрираната организација да работи транспарентно и отворено, а донесените одлуки и решенија да најдат место и во весникот „Пензионер плус“ и на нашата веб-страница. Здруженијата тоа го бараат и заслужуваат да го добијат.

Шесто, мојата ангажираност заедно со работните тела, ќе биде и во натамошно негување на традиционалните активности (спортските, културните), но и тие ќе се анализираат и унапредат заедно со мислењето на здруженијата,  на работни состаноци или преку прашалници во кои ќе бидат изнесени нивните мислења. Во мандатниот перид 2019 - 2023 година верувам во позасилен развој на социјално-хуманитарната дејност со помош на Координативното тело на активите на пензионерки. Активите на пензионерките ќе бидат вклучени во скоро сите активности во здруженијата. Особено, ќе биде нагласено  помагање на стари и осамени пензионери во ограноците. Овие обврски се утврдени во многу статути на здруженијата, а тоа го предвиделе и нашите колеги многу години пред нас.

Седмо, во фокусот на моето работење ќе биде поддршката на помалите здруженија врз основа на утврдени мерила и критериуми како би можеле и тие непречено да ги извршуваат своите активности. Мојата поддршка кон помалите здруженија би била и тие да добијат простор на нашата веб-страница со цел презентирање на јавноста кое е тоа здружение и кои се неговите активности.

Осмо, во мојот мандатен период  ќе ја обновам и засилам соработката со Црвениот крст и со другите граѓански организации и ќе настојувам да се гради меѓусебна соработка и  поддршка меѓу здруженијата со заемно почитување и разбирање, ќе работам чесно како и досега, со цел  здруженијата и Сојузот да стануваат с? повеќе и повеќе угледни субјекти во средината каде што дејствуваат. Сето ова ќе го постигнеме заедно. Ви благодарам на довербата, - истакна во своето обраќање Станка Трајкова.

По  нејзиниот настап со аплауз од присутните дeлегати Станка Трајкова едногласно беше избрана за претседател на СЗПМ и за претседател на Извршниот одбор на Сојузот. На седницата беше потенцирано дека за првпат по 73 години од основањето на СЗПМ за претседател е избрана жена.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3