Програмски определби
на Здружението на пензионери Демир Хисар
Со Програмата за работа се реализираат сите активности на Здружението на пензионери Демир Хисар кои се предвидени и утврдени во Статутот на здружението, Правилникот за работа на Извршниот одбор, како и во одделните програми на органите и комисиите и на ограноците кои се во состав на здружението. Сите активности се насочени кон остварување на основните цели, заштита на стекнатите права од ПИОМ со што се обезбедува правна сигурност за редовно живеење, непречена исплата на пензиите и нивно годишно зголемување, правото на квалитетна здравствена заштита, организирање на спортско-рекреативни, културно-забавни и други социјално- хуманитарни активности. Сите овие цели и задачи на Здружението се остваруваат преку:
1. Собрание на Здружението:
Собранието во тековната година оддржува две седници, а по потреба и повеќе.
На седниците Собранието расправа по повеќе точки кои произлегуваат од неговите надлежности: Извештај за работата за претходната година, Финансиски извештај, донесува Одлуки за усвојување на Завршната сметка, Програма за работа и Финансиски план и други точки кои произлегуваат од Статутот на Здружението.
2. Извршен одбор
Извршниот одбор оддржува 4 редовни седници, а по потреба и повеќе.
На седниците ИО расправа за Програмата за работа и Финансискиот план, за извештаите на комисиите, за реализација на Одлуките, програмите и другите документи што ќе ги донесе Собранието и други активности согласно Статутот.
3. Надзорен одбор
Надзорниот одбор оддржува 3 седници, и тоа во месеците јануари, мај и септември.
Неговата главна задача е да врши контрола на финансиско-материјалното работење на Здружението и се грижи работењето да биде во склад со постојните закони од областа на финансиското работење.
4. Ограноци
Здружението функционира со 18 ограноци и тоа: Огранок Демир Хисар 1 и 2, Огранок с. Кутретино и с. Суводол, Огранок с. Граиште и Бараково, Огранок с. Стругово, Огранок с. Света, Огранок с. Единаковци, Огранок с. Журче, Огранок с. Вардино, Огранок с. Сладуево во чиј состав влегува и с. Белче, Огранок с. Прибилци, Огранок с. Слоештица, Огранок с. Вирово кој ги опфаќа селата Мренога и Боишта, Огранок с. Слепче, Огранок с. Сопотница, Огранок с. Смилево кој го опфаќа и селото Обедник, Огранок с. Доленци кој ги опфаќа селата Брезово, Зашле, Железнец, М. и Г. Илино, Базерник, Бабино и Огранок с. Жван. Секој Огранок донесува Програма за работа и врз основа на тоа се планираат активностите и екскурзиите за тековната година.
5. Здравствена заштита
Со Здравствениот дом и Општинската организација на Црвениот крст на Македонија заеднички се превземаат активности за посета на стари и изнемоштени лица и пензионери со ниски примања. Се организираат и предавања за болести кои најмногу ги напаѓаат старите лица, се врши мерења на крвниот притисок, шеќер во крвта и други превентувни прегледи.
6. Спортски активности
Една од најприоритетните активности на Здружението се спортските активности. Редовни учесници сме на сите Спортски натпревари и оваа година планираме да вклучиме се повеќе пензионери особено од помалите ограноци. Оваа година спортските натпревари ќе се организираат на Општинско ниво со вклучување на поголем број на пензионери од сите ограноци, а најдобрите по спортски дисциплини ќе учествуваат на Регионалните натпревари.
7. Екскурзии
Во зависност од расположливите средства и Програмата за работа, и оваа година ќе реализираме неколку поголеми екскурзии секако на предлог на самите пензионери. На сите екскурзии ќе учествуваат сите пензионери, без ограничувања и од сите ограноци.
8. Ревии на песни, музика и игри
И оваа година, Здружението со машката и женската играорна група ќе земе учество на Регионалната Ревија на песни, музика и игри и со добар пласман да обезбедиме учество и на Републичката ревија.
9. Актив на пензионерки
Активот на пензионерки и понатаму ќе продолжи со своите активности во насока на збогатување на културниот и спортско-рекреативниот живот на пензионерките, одбележување на 8-ми март-Денот на жената, активно учествува во пополнувањето со нови членови на играорната група и учествува во спортските натпревари.
10. Соработка со други Здруженија и Локалната самоуправа
Здружението ќе ја продолжи плодната соработка со сите Здруженија на пензионери од Југозападниот дел на државава, а преку заеднички проекти со Локалната самоуправа ќе се подобрува животниот стандард на пензионерите со ниски примања.
11. Задачи на стручната служба
Во 2018 год.Стручната служба својата активност и работа ќе ја обавува во согласност со Законите, Статутот и Одлуките што ќе ги донесе Собранието и Извршниот одбор особено:
- навремено и квалитетно извршување на сите тековни задачи од секојдневното работење;
- следење на финансиската состојба во Здружението и строго наменско користење на финансиските средства.
- водење грижа за состојбата на Домот на пензионерите и паркот околу Домот;
- вршење наплата на огревно дрво на пензионерите од Општината;
Оваа Програма ќе биде основа за изготвување на програми и акциони планови за работа на телата на ИО и ограноците на Здружението.
Програмата е отворена за измени и дополнувања со предлози за подобрување на истата.
|
ЗП Демир Хисар
Пере Петревски |
|