Предлози за усогласување на пензиите, пресметани на актуелни податоци
10.8.2021Со новите законски прописи од пензиското и инвалидското осигурување кои стапија во сила од 1 јануари 2019 година во делот на усогласувањето на пензиите се напушти комбинираното усогласување на пензиите со дел од порастот на платите и дел од порастот на трошоците на животот, а пензиите започнаа да се усогласуват со порастот на трошоците на животот. Покрај со порастот на трошоците на животот пензиите можат да се усогласат и со порастот на платите и Бруто домашниот производ, но под одредени услови кои тешко можат да се остварат.
1.Усогласување на пензиите со порастот на трошоците на животот
Усогласување на пензиите со порастот на трошоците на животот во услови кога порастот на платите е повисок од порастот на трошоците на животот, придонесе пензиите да заостанат зад порастот на платите, а со тоа и да се намали животниот стандард на корисниците на пензија.
Во периодот од 2019 до 2021 година движењето на платите и трошоците на животот по полугодија е следно:
Полугодија |
Пораст на плати |
Кумулативно |
Пораст на трошоци |
Кумулатив |
Јули - Декември 2018 |
2,96% |
|
0,7% |
|
Јануари - Јуни 2019 |
0,50% |
103,47 |
0,4% |
101,10 |
Јули - Декември 2019 |
3,67% |
107,26 |
00 |
101,10 |
Јануари - Јуни 2020 |
4,05% |
111,60 |
0,6% |
101,71 |
Јули – Декември 2020 |
3,55% |
115,56 |
1,2% |
102,93 |
Јануари – Јуни 2021 |
2,39% |
118,32 |
1,2% |
104,17 |
Од прегледот се гледа дека во анализираниот период платите на вработените кумулативно се зголемија за 18,32%, додека пензиите кои се усогласуваа со порастот на трошоците на животот се зголемија само за 4,17% по овој основ.
Кога станува збор за стандардот на корисниците на пензија, особено колку се зголемиле пензиите, меѓу пензионерите се заборува за пораст на трошоци на живот, инфлација и потрошувачка кошница.
Законодавецот во нашата држава како параметар за усогласување на пензиите ги определил порастот на трошоците на животот, кој податок го објавува Државниот завод за статистка.
Инфлацијата (англиски: inflation) е економски поим кој означува постојан пораст на општото ниво на цените во одреден временски период, односно инфлацијата преставува тренд на постојано зголемување на цените мерено преку некој индекс на цените.
Што се однесува до минималната потрошувачката кошница, која ја определува ССМ врз основа на статистички податоци, во неа се вклучени сите производи и услуги на кое едно домаќинство троши пари во текот на годината.
Минималната кошница во јуни 2021 година изнесува 34.212 денари, и во споредба со минималната кошница од јуни 2020 година е зголемена за 2,16% или 725 денари.
Просечната исплатена пензија за јуни 2021 година изнесува 15.705 денари и истата покрива 45,9% од минималната кошница.
2.Усогласување на пензиите со порастот на платите
Согласно Законот за пензиско и инвалидско осгурување, пензиите можат да се усогласат и со порастот на платите но само во случај кога има пораст на минималната плата во тековната година за повеќе од 15% и пораст на просечната плата во претходната година за повеќе од 5%.
Ваквото решение се оствари само во 2019 година кога со Законот за измена и дополнување на Законот за минимална плата на Република Северна Македонија (“Службен весник на РСМ” бр 239/19) беше зголемена минималната плата, а беше остварен и пораст на просечната плата во претходната година.
По овој основ пензиите од 1 јануари се зголемија за 722 денари линеарно или за 5%. Со ова зголемување во извесна мера се ублажи разликата во порастот на пензиите во однос на платите, но бидејќи усогласувањето беше линеарно корисниците на пензија кои имаа пензија повисока од просечната пензија процентот на усогласување на пензиите беше помало од 5%.
Меѓутоа, ваквото решение во иднина тешко е дека може да се оствари имајки предвид како се определува минималната плата, поради што се предлага од формулата за усогласување на пензиите со порастот на платите да се изостави минималната плата.
3.Усогласување на пензиите со порастот на БДП,
Пензиите можат да се усогласат и со порастот на БДП, доколку порастот е над 4,1%. Со ова законско решение пензиите се усогласуваат од 1 април тековната година во процент кој преставува разлика меѓу реалната стапка на пораст на БДП во претходната година и стапката од 4%. Со ова законско решение пензиите досега не се усогласени, бидејки немаше пораст на БДП над 4,1%. Се оценува дека и во иднина тешко може да се оствари пораст на БДП над 4,1% иако се оствари тој пораст би бил минимален.
Од изнесената постојна законска регулатива очигледно е дека формулата за усогласување на пензиите не е адекватно поставена. Неопходно е промена на формулата за усогласување на пензиите со вградување и на дел од порастот на платите, како системско решение.
ПРЕДЛОЗИ ЗА УСОГЛАСУВАЊЕ НА ПЕНЗИИТЕ
Сојуз на здруженија на пензионерите на Македонија предлага две варијанти за усогласување на пензиите и тоа:
- Усогласување на пензиите со 40% од порастот на платите и 60% од порастот на трошоците на животот
- Усогласување на пензиите со 50% од порастот на платите и 50% од порастот на трошоците на живот
- Усогласување на пензиите со 60% пораст на плати и 40% пораст на трошоци на живот
За пресметка на финансиските импликации на овие предлози земени се следните параметри и тоа:
- Пораст на трошоците на животот во првото полугодие од 2021 год. од 1,2%
- Пораст на платите во првотото полугодие од 2021 од 2,39%
- Просечна пензија остварена во јуни 2021 год. од 15.705 денари
- Број на корисници на пензија 325.000
Ред Број |
ОПИС |
Усогласување со трошоци 1,2% |
Усогласување 60%
трошоци 40%
плати 1,68% |
Усогласување 50%
трошоци 50%
плати 1,80% |
Усогласување 60%
плати 40%
трошоци 1,91 |
1 |
Просечна пензија |
15.705 |
15.705 |
15.705 |
15.705 |
2 |
Процент за усогласување |
1,2% |
1,68% |
1,80% |
1,91% |
3 |
Зголемување |
188,50 |
264 |
283 |
300 |
4 |
Корисници |
325.000 |
325.000 |
325.000 |
325.000 |
5 |
Средства |
61.262.500 |
85.800.000 |
91.975.000 |
97.500.000 |
Со постојното законско решение за усогласување на пензиите, пензиите од 1 јули 2021 година се зголемија за 1,2% со порастот на трошоците на живот, а финансискиот ефект од ова зголемување изнесува 188,50 денари по корисник или 61,26 милиони денари месечно за 325.000 корисници,
Со предложеното усогласување на пензиите по првата варијанта со 60% од порастот на трошоците на живот и 40% со порастот на платите или таканаречено комбинирано усогласување, процентот за усогласување би изнесувал 1,68%, а финансискиот ефект од ова зголемување изнесува 264 денари по корисник или 85,80 милиони денари.
Со предложеното решение според втората варијанта 50% пораст на трошоци и 50% пораст на плати, процентот на усогласување на пензиите би изнеувал 1,80%, а финансискиот ефект од ова зголемување изнесува 283 денари по корисник или 91,98 милиони денари.
Според третата варијанта со усогласување на пензиите за 60% од порастот на платите и 40% од порастот на трошоците за живот во конкретниот пример процентот за зголемување на пензиите би изнесувал 1,91%, со зголемување од 300 денари по корисник или 97,50 милиони денари.
Според дадените предлози процентот за усогласување на пензиите во наредниот период ќе зависи од движењето на платите и трошоците на животот.
* * *
Врз основа на напред изнесеното може да се заклучи дека доколку пензиите се усогласуваат според движењето на еден индикатор само трошоци на животот, а порастот на платите е многу повисоко од порастот на трошоците на животот ќе дојде до заостанување на пензиите во однос на платите и обратно. Затоа се предлага комбинирано усогласување на пензиите според двата параметри со дел од порастот на плати и дел од порастот на трошоците на животот. На овој начин доколку едниот параметар заостанува се дополнува со другиот параметар односно се воспоставува баланс во определување на процентот за усогласување на пензиите, а со тоа се обезбедува подобра материјална и социјална сигурност на корисниците на пензија.
Скопје, Август 2021 година