|
ЗП Македонски Брод
Го претставуваме спелеолошкиот локалитет „Слатински Извор“ - Споменик на природата
20.12.2023
Убавините во Поречието сe уште доволно не се познати за нашите и странските туристи. Потребата за претставување е многу важна за туристичка промоција за општината Македонски Брод и пошироко за регионот Порече.
Покрај пештерата Пешна која е најмногу посетена од пензионерите од Македонија, нудиме уште еден локалитет, а тоа е Слатински Извор кој е прогласен за Споменик на природата (Сл. весник бр.23/11), а со право на управување општината го отстапи на Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ од Скопје. Тој се наоѓа во синорот на село Слатина оддалечено околу 15 километри од Македонски Брод. Се патува по течението на реката Треска во еден прекрасен природен амбиент.
Во рамките на Споменикот на природата се вбројуваат 5 пештери, едни од најубавите во Македонија па дури на Балканот.
Пештерата Слатински Извор е една од најдолгите пештери со должина од 4 000 метри со река понорница и со богати подземни убавини: сталагмити, сталактити и разновидни украси и бои.
Пештерата „Невестинска“, а во народот позната како „Пурало“ има своја легенда, но и е една од најбогатите подземни уметнички фигури што ги создала природата.
Пештерата „Горна Слатинска“ со должина од 400 метри исто така е богата со подземни убавини, а која посетителите можат да ја видат со водичи од СД „Урсус спелеос“ и ЕД „Треска“ од Македонски Брод.
Пештерата „Овчарска“ е интересна и со своја приказна, бидејќи археолошката екипа НУ Археолошки музеј од Скопје вршеше ископување и утврдила дека се употребувала долг временски период од праисторијата па се до 20 век како засолниште на овци, по што е добиено и името на пештерата. Истражувањата се спроведени до 2,5 метри, поточно до пештерското дно. При сондирањето откриени се многуброен фрагментиран керамички материјал, згура, јаглен и примероци од типот Пајонски бронзи. Според стратиграфијата и археолошкиот материјал, слој бр. 1 припаѓал на средниот век, слоевите 2 до 4 на доцен антички период и во слоевите од 5 до 8 се открива железно допски период во време од 10 до 8/7 век пр. н.е.
Тука е и петтата пештера наречена „Долна Слатинска“ која е во тек на истражување.
Покрај пештерите на овој локалитет се наоѓаат и познатиот Слатински слап (водопад) на Маркова Река, а во близина и двата извора на солена вода. Соленицата на двата извора е со своја историја. За време на Балканските војни и Првата светска војна, Поречаните од сите села се служеле со солената вода за готвење и месење леб. Имало воспоставено ред со одговорен стражар кој распоредувал кое село кога треба да го користи. Покрај водата што се користела во домаќинството, се користела и како лековита, посебно за фрактури на глава, раце, нозе која и денес безброј посетители од разни краеви на Македонија доаѓаат да ја видат и користат. До водопадот и солените извори изградена е уредна и пристапна патека со патокази и поставени се клупи и маси за одмор на посетителите. Затоа до сите пензионери ширум Македонија упатуваме покана да го посетат Споменикот на природата „Слатински Извор“ за да се уверат во убавините што ги нуди овој локалитет.
|
|