Новости
ЗП Охрид и Дебрца
Надминат 17-годишниот судски спор меѓу ЗП Охрид и Дебрца и Здружението на инвалидски пензионери од Охрид и Дебрца
17 години ЗП Охрид и Дебрца водеше судски спор со Здружението на инвалидските пензионери на Охрид и Дебрца, околу докажување на сопственоста на Домот на пензионерите во Охрид. За судењето на овој спор се трошеа средства кои можеа да бидат употребени за друга намена и цел. Од таа причина, Извршниот одбор на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија на својата седница од 1 јули 2019 година, му препорача на ЗП Охрид и Дебрца да најде решение со кое ќе се стави крај на овој проблем и финансиското работење на Здружението ќе се нормализира и ќе биде според законските одредби и нормално ќе се одвива како кај другите здруженија членки на СЗПМ. Иницијативата и напорите на СЗПМ беа безрезервно прифатени од Извршниот одбор на ЗП Охрид и Дебрца и од Собранието на инвалидските пензионери на Охрид и Дебрца и на 4 јули 2019 годинa беше потпишан „Договорот за соработка, помагање и разбирање“. Договорот го потпишаа претседателот на ЗП Охрид и Дебрца, Ѓорѓи Трпчески, и претседателот на Инвалидските пензионери на Охрид и Дебрца, Славе Стојановски.
- Благодарение на напорите на сите, а особено на препораката на Сојузот овој проблем да се реши спогодбено, како и соработката со новото раководство на инвалидските пензионери, низ позитивен обостран дијалог и големо разбирање, решивме сами да изнајдеме решение на спорот, кој беше неповолен и за двете здруженија, - рече по потпишувањето претседателот на ЗП Охрид и Дебрца, Ѓорѓи Трпчески.
-И ние, инвалидските пензионери како инволвирани во спорот, сакавме да ставиме крај на овој спор од кој трпевме големи загуби сите. На големо и обострано задоволство го потпишавме „Договорот за соработка, помагање и разбирање“ со ЗП Охрид и Дебрца, и така го решаваме овој долгогодишен спор. Со ваквиот потег што го направивме, ставивме крај на несогласувањето кое не е од корист и за двете здруженија, - појасни по потпишувањето на Договорот, претседателот на Здружението на инвалидските пензионери на Охрид и Дебрца, Славе Стојановски.
На чинот на потпишувањето на „Договорот за соработка, помагање и разбирање“, присуствуваше и претседателот на Собранието на СЗПМ м-р Илија Адамоски, кој во таа пригода рече:
-Искрено сум задоволен што присуствувам на овој чин. СЗПМ секогаш ќе ги поддржува и ќе дава целосна поддршка на ваквите решенија без судки спорови, бидејќи во здруженијата има искуство, мудрост и стручен капацитет истите да бидат меѓусебно разрешени.
Потпишувањето на Договорот беше на заедничката седницата на извршните одбори на ЗП Охрид и Дебрца и збратименото ЗП Солидарност - Аеродром, која се одржа во Охрид. Со пригодни зборови, потпишувањето на Договорот го поздравија и претседателите на ЗП Солидарност - Аеродром, ЗП Прилеп, ЗП Битола и ЗП на инвалидите на трудот од Охрид.
К.Спасески
