Новости

Кој е Момчило Петровиќ?

Воодушевеноста од приказните, од самото нивно создавање, не е само магија на детството. Иако нашиот прв допир со светот на фантазијата е секогаш во детството, има и такви што и во длабоката старост остануваат вистински врутоци на фантазијата.  Момчило Петровиќ е класичен пример  за тоа како кај него не стивнува фантазијата во третата доба од животот. Последните неколку години честопати се наоѓа во улога на вистински донкихотовски лик на сцената во духот на Сервантесовиот славен витез Дон Кихот од Манча, а неговиот ангажман може да се набљудува преку призмата на исполнување туѓи интереси.

Како претседател на здружението на пензионери Кисела Вода, Момчило Петровиќ во изминатите години изградил двоен и длабоко поларизирачки имиџ во јавноста. Додека пред своите локални поддржувачи се претставува како бескомпромисен борец, зад кулисите на неговиот активизам сè почесто се наѕира една поинаква реалност, онаа исполнета со серија дезинформации, институционални инциденти и обвинувања за манипулација со најранливата категорија - пензионерите.

Неговите јавни акции, веќе одамна излегоа од рамките на класичната и социјална борба. Наместо конструктивен дијалог за подобрување на животниот стандард на пензионерите, дејствувањето на Петровиќ сè почесто се сведува на медиумски напади. Тој стана препознатлив по неговите јавни и медиумски настапи (како на пример на ТВ Алфа и Канал 5) каде што отворено ја напаѓа работата и легитимноста на СЗПМ, а судирите ескалираа до степен каде што раководство на СЗПМ јавно ги демантираше неговите обвинувања, тврдејќи дека тој шири невистини и се обидува да ја обезвредни нивната законска работа. Секогаш овие негови обиди, изгледаа како јуриш кон ветерници. Во овој долг и исцрпувачки судир, тој не бираше средства од пласирање на непроверени информации во врска со исплатите на финансиската помош и солидарниот фонд, па сè до спектакуларни обиди за насилно присуство на затворени седници. Неговото инсистирање да присуствува на редовното Собрание на СЗПМ, дури и кога официјалните делегати од неговото здружение отсуствуваа, предизвикува тензии. Овие ситуации кои неретко завршуваа со хаотични сцени и обвинувања за недозволен пристап и интервенција на обезбедувањето.

Исто како што Дон Кихот наидува на неразбирање од околината, Петровиќ се соочува со сериозни внатрешни „битки“ во рамките на самата пензионерска заедница. Фејсбук групите како здружени пензионери „Кисела Вода“ сведочат за постојани обвинувања за нелегитимни одлуки, јавни прозивки околу финансиски средства, како фамозните шпекулации за исплата на помош од 2.500 денари и тензии со Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.

Она што го започна како легитимен револт против Сојузот, денес сè повеќе наликува на координирана кампања за ширење магла. Тврдењата кои СЗПМ експлицитно ги демантираше како „груби невистини и обиди за лична дискредитација“, кај јавноста отворија сериозни дилеми: Дали Петровиќ навистина наликува на Донкихот, кој е жртва на некого, или пак свесно користи манипулативни наративи да креира вештачки раздор во пензионерските редови?

Голем дел од членовите на здружението на пензионери Кисела Вода и критичарите на социјалните мрежи го обвинуваат за нетранспарентност во носењето одлуки и за ширење најразлични дезинформации. Поединечни членови и делегати на здружението и на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, јавно упатуваа критики кон Петровиќ. Тие реагираат на начинот на кој се носат одлуките, отсуството на одредени легитимно избрани делегати од состаноците на Собранието на СЗПМ, како и за споделување неточни информации во медиумите. Во јавноста и преку пензионерските групи, неговото работење е предмет на реакции и на осуда. Членови пензионери јавно барале одговори од Петровиќ за одлуки и прашања поврзани со раководството на здружението, како и за процедури околу функционирање на здружението.

Момчило е последниот „витез“ на честа во ЗП Кисела Вода. Неговата упорност да организира турнир во шах или чајанка со скромни средства и покрај општата апатија, ја носи истата патетична убавина како и јуришите на Дон Кихот на ветерниците.

Додека за едни тој е „борец“ против бирократијата, дел од членовите на самото здружение на пензионери и објективните критичари на социјалните мрежи го обвинуваат за нетранспарентност во носењето одлуки и за ширење дезинформации во врска со најразлични исплати. За неговите критичари, тој е лик кој води замислени битки и создава немири таму каде што треба да владее институционален ред.

 Токму поради овој спој на упорна лична конфронтација со повисоките инстанци и постојаното наоѓање во центарот на институционални скандали, неговиот профил совршено ја отсликува сликата на општествен транзициски лик кој води сопствени „битки со ветерници“.

Станка Трајкова