Новости

Пензионерите како амбасадори на македонската култура на меѓународниот фестивал на 3. животно доба во Љубљана

Пензионерите како амбасадори на македонската култура 
на меѓународниот фестивал на 3. животно доба во Љубљана

Пета година по ред,  едно здружение на пензионери - членка на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, ќе учествува на Меѓународниот фестивал на 3. животно доба во Љубљана, Словенија.

Досега учествуваа здружението на пензионери од Куманово, Пробиштип, Кочани и Тетово, а годинава наш амбасадор на културата ќе биде здружението на пензионери од Прилеп.

Вообичаено е на Меѓународниот фестивал да настапи здружение кое се докажало со свои интересни и квалитетни фолклорни настапи на Ревиите на песни, музика и игри, на настапи во земјата, но и надвор од неа.

Така и годинава пензионерите од Македонија ќе прикажат стари македонски песни и ора, интересни инструменти и разнобојни носии од крајот од кој доаѓаат. И годинава со нив ќе пеат и ќе играат жителите на Љубљана кои ќе дојдат да присуствуваат на фестивалот, но и многу други гости и учесници  од повеќе европски земји. Сите тие ќе имаат можност да ја видат и почувствуваат нашата енергија, нашата радост и нашиот почит кон нашето фолклорно богатство, традиција и идентитет.
Ќе видат како се сака и чува она што со векови се напластило во нашето славно минато. Ќе видат дека корените на сите кои живеат во Македонија се длабоки и со вековна историја. Преку писокот на зурлите, ударите на тапаните, преку песната и ората на пензионерите, уште еднаш ќе види и дознае Европа која е Македонија.

Калина С. Андонова